Драга
Знам вчера ти пишав, но за жал поради недостиг на време не успеав се да ти кажам...
Сончев ден денес драга, иако прилично досаден.
Но и досадноста некогаш умее да биде продуктивна. Барем тогаш имам време инспирацијата да ја преточам во зборови и да ти ја пренесам тебе.
Последниов период навидум беше обичен, мирен без големи разбранувања, но под мирната површина сеуште се кријат некои нешта кои не сакаат да излезат или јас умешно ги сокривам. Би можела да ти ги пренесам и во прозни искри, во вид на некоја срцепарателна поезија или пак во некој текст кој и сама не би го разбрала, а останатите најверојатно би го протолкувале на 7456392 начини. Би била иста како животново мое дома, кое секогаш милно ме гледа дур му зборувам и најверојатно ме слушна, но за жал никогаш не ме разбира... Единствената заедничка, светла нишка која ве поврзува вас двајца е верното молчење и тогаш кога ни двајцата не умеете да ме разберете. Барем мојата цел се исполнува, а таа е да ме сослуша некој. Скромно.. Толку многу работи имам да ти кажам, колку што најверојатно има уши да ги слушнат.
Кога би била присутна постојано и кога би погледнала од мојот балкон би знаела дека секое утро, во точно определено време поминува човек кој бутка количка, чие шкрипење ја иритира пола населба. Денес не го чув шкрипењето, а да знаеш и мене колку ме иритираше... Ми недостигаше признавам и свесна сум за тоа. Навика.... Штета што повеќето не се, па затоа и чудно им е. Претпоставувам дека количката му откажала која секојдневно ја форсираше. А можеби и нешто друго се случило, којзнае

Најверојатно никогаш и нема да дознаам. Само знам дека ова е уште еден пример во низата други кога станува збор за форсирањето. Луѓето знаеш и сама најчесто форсираат нешто или некого. Возачот и понатаму упорно ја форсира својата кола иако знае дека големи се шансите да го остави на пола пат. Патем си размислува дека денес после работното време конечно ќе ја однесе на мајстор, истото што и вчера го размислуваше, тешејќи се и надевајќи се дека уште малку ќе издржи за да нема потоа потреба со автобус да оди. Девојката два ката под мене беше форсирана од својот дечко, конечно да се согласи и да верува во неговото настојување дека овој пат нема да ја зезне работата. Мајката од приземје се слуша како својот син го форсира да ја напише својата домашна, за подоцна да биде горда на поголемата оценка и фалењето по кафиња. Добрите вести брзо се шират

А јас се форсирам себе си несвесно без причина, барем навистина така беше до пред некој ден или можеби јас само мислев така....
Кога сме веќе кај опишувањето на претходните денови, вчера врнеше, знаеш и сама. Разораните улици полни со дупки се претворија во мали езерца кои ги прескокнуваа случајните минувачи. Колку иронично нели? Истите тие кои беа причина за нивното создавање сега безгрижно ги прескокнуваат и не ни обрнуваат внимание, туку само пцујат ако по грешка стапнат.
За разлика од нив јас секогаш обожавав да се шлапам и да се вратам дома целата валкана со кал. Притоа да го слушам строгиот глас на мајка ми како ме прекорува за тоа.
П.с Не ме сфати нели ?

Ти кажав и погоре, целта не ми беше да ме разбереш, ми беше да ме сослушаш. Заклучокот до кој најверојатно и ти самата дојде е дека дупките постојат за да се пополнат :helou: