Она кога си преплавен од уметнички сензации.
Уживаш и впиваш и се радуваш. Скопје мал Бобур. Куршумли Ан светол од насмевки, бас, ритам, луѓе, живост и енергија. Алкохол и умор, диета во торба, сонце по џебови. Честитања и договори онака, крајпатно и со многу прегратки. Верувам во овие случувања, носат нешто добро. Некаква идна соработка меѓу различни луѓе а исти соништа.
Деновиве ми се споени со спајалица. Од работа трчам на проби, мислам дека шатор треба со себе да земам и да преноќувам кај стигнам. Номад во сопствениот Дом. Систематски преглед, импулси, висина, тежина. Минус 2 кг од минатиот месец. Среќа, абе што да ти кажам! Уредна крв и чист абдомен. Си ја гледав матката како ми зборува. Интроспекции, лудила и блага комедија. Умор имам за извоз, но и енергија. Хипер. Средби со Ѓаволот лично. Преговараме, како може да одолее човек? Ќе си се частам сега едно црвено палто по повод книгава, и ќе си нарачам некое парче накит од странција да ми го грее грлово.
Спремен перформанс, три дена по ред ќе биде весело.
Немам време да немам време. Некако така.
Мајка ми плачеше. Секогаш плаче за сите успеси. Tато со дупли наочари чита и не ме разбира. Не ни мора. Доволно е што е татко. Сестра ми ми купи чоколадо, најферски. Другаркиве со мене, по дожд, на први примероци потпишани. Се смееме. Да не се сите овие луѓе, џабе. Мене уште ми е нејасно, ама добро се чувствувам, ако веќе треба да дефинирам. Рано е за вивнување на седми неба, да ја искалкулираме малку земно работата. Сонцево, и онака ќе грее силно денес, знам!
Вчера добив супер изјава од една драга личност - дека можам да се снајдам во сите генерациски разлики, зошто во себе носам една возраст. Не ја разговарав многу темата, само замолчев. Човек си знае кога треба и колку треба, за да не се претвори сето тоа во тапшање.
Нему ќе му пратам копија до таму. Уредно спакувана како љубовно писмо. За роденденот. За нашите збиднувања. Си се прашувам, до каде може да се случува животов? До кое ниво? Па после си се завивам во волненото ќебенце и си заспивам. Ми се може, иде зима, логиките и не мораат да постојат.
Сакав да кажам дека сум среќна. Како што еден обичен земен човек може да биде.
М.