Некаде во средината на јули, неколку денови пред пивофестот, 2010-та година.
-Еј шо прајш бе? Арен си, те нема да поминиш.
-Арно бе Ацка еве влези, го гледам концертот од Porcupine Tree.
-Кој концерт?-гледам внимателно во мониторот како Вилсон ја мрда косицата и пее Way out of here.
- 2008-ма, во Холандија што им беше. Страшно концертиште. Гледај го Гевин шо изработува. Туку седи, че и речам на Јасмина да напрај кафе. Средно можи?
-Можи-продолжив да гледам во мониторот.
-Гледан ти е концертов?
-Слабо. Нешто друго имам гледано од нив, на ова не ми текнува.
-Го симнав, на уезбе че ти го префрлам. Туку држи цедево, имаш во него повеќе албуми од 90-ти. Преслушај, сигурно нешто че те бендиса.
-Важи бе-се сместив удобно на двоседот.
Го попушти гласот на GOM плеерот и седна веднаш покрај мене. Беше отприлика 20 часот. Паметам дека лека полека ноќта почна да се спушта.Во собата единствената светлина доаѓаше од големиот монитор кој го купи пред скоро време. Набрзо пристигна и кафето. Со концентриран поглед го следев концертот додека ги слушав неговите зборови кои ја доловуваа фасцинацијата од претходно изминатите песни. Гледавме и слушавме, слушавме и гледавме, гледавме, слушавме и разговаравме. Вообичаен муабет, вообичаена атмосфера, по малку разочаран поглед, но со силно изразена позитивна мисла за нови подвизи во животот кој допрва следува, барем требаше да следува.
Таа ноќ останавме до покасно. После концертот мавнавме некоја партија Pes 6-ка, со џојстик еден на еден. Со Јувентус играв, тој со Манчестер, за нив навиваше. И резултатот го помнам, три-три во партии, а последната решавачка заврши 2-2. Пеналите ги скокавме бидејќи беа педерски начин кој одлучуваа за победникот. Брзо помина времето. Тие 5-6 часа исполнети во смеа, радост, безгрижност добро ги запомнав. Ги запомнав затоа што ги анализирав. А ги анализирав, затоа што тој ден го гледавме последниот концерт заедно. Да знаев што следува потоа, со сигурност ќе преседев до последната минута од нашата разделба. Ќе седев и целото време на светот, целото внимание кое го трошев на другите околу себе, ќе ти го посветев САМО ТЕБЕ. Наивноста и добрината, секиранцијата за женската глупост, депресијата која успешно ја гушеше во себе, ја носеше со себе те среди. Барем да можев подлабоко да погледнам, да имав емпатија која секој твој бол ќе го удреше со иста јачина и во мене.
Еве поминаа 3 години од тој 21 септември. А јас го пуштив концертот и онака го гледам. Се потсетувам на тоа време во кое ја чувствував тврдоглавата семоќност дека можам со раце каменот во вода да го преобразам. Уште сум гневен на животов, со ист жар како и тогаш. Дружбата ни заврши на овој свет. Физичката дружба ни заврши. Оваа во психата трае и ќе трае, се додека моето физичко постоење не заврши тука, се додека станувам и мислам, работам и мислам, легнувам и сонувам. Некогаш ме нервираат тие соништа кои создаваат лажна фикција. Реалноста друго говори............
Почивај во мир човеку. Барем еднаш да те видев облечен во блузата од Поркјупан.......а вака......