Вторник, обично е тапа ден.
Нека победи Животот денес. Така, без да се запрашува човек. Кога ќе го исчистиш срцето од непотребен немир, подобро е, можеш да тргнеш каде сакаш.
Сливи, летна манџа, штурци, домашен леб. Кујната пее со продорен глас, како црнкиња. Најголем зен во тој простор. Морам да имам свое, мало катче кај што сите зачини играат различен танц. И јас се фаќам за фустанот, со имагинарно дајре или кастањети сакам да влезам во таа метафора.
Разгледувам што се’ нуди светов, од галерии, перформанси на сред улица, морски пејсажи и бродоломи во живо, без жртви и без бол. Лесен, пердувест а истовремено макотрпен живот. Ти се приближуваат многу нови стварности, жалосно би било да се плашиш пред нив. Предај им се, како да ти се отсекогаш тука.
Во музика од Le Petite Dejeuner Parisienne. И позадина во акварел, тиркиз и корално црвено. И две љубови. Една за градот и улиците, една за морето и песокот. Си го визуелизирав и наредното мое остварување. Сигурно ќе биде нешто водено. Тоа е фазата кога ќе станам и мајка, се надевам.
Којзнае што не’ чека. Куфери полни тајни и вешто скриени богатства по џебовите. Корнети сладолед изедени набрзина, книги со пречкртани наслови и напишани нови.
Небо, најголем дар и денес. Ништо не паѓа од него. Освен ѕвезди. Па дури и тогаш сме толку себични, што сакаме да ни се исполни желба. Несовршен вторник де.
Несовршени луѓе. Ама топли, живи. Што повеќе...
Како оваа магична галерија за растот на еден убав Живот:
http://www.flickr.com/photos/punkinmom/with/473339758/
Се топам... И од Љубов и од топло.
Како ли им е на сите сладоледи на светот?
М.