Драга,
татко ми си го одзеде животот пред неколку недели.
Ова му го напишав тогаш.
Ама ми помина гневот. Ми помина целата омраза кон него.
Ми останува тагата сега. А тагата непресушна. Имавме дисфункционална врска цел живот, се каравме по два пати до пладне некогаш. Ќе се мразев себеси што сум ти дете, а ќе те мразев и тебе што до толку не се разбираме.
Никогаш не сум гледал фудбал. Ама гледав со тебе, пошто погодуваше 3-4 дена пред утакмица кој ќе биде составот на твоите. Уживав кога ги погодуваше измените кои ќе настанат и кога ќе настанат. Сакав да те видам како фудбалски тренер некогаш, за да се израдуваш за тоа што никогаш не си успеал да станеш професионален фудбалер ради изгубениот вид на едно око.
Твоите после 30 години се борат за шампионска титула. Ќе умрам од мака ако ги видам шампиони.
Жал ми е што не секогаш те слушав кога правеше политички анализи. Многу често ги грешеше. Ама и кој не би, македонската политика е премногу шпанска серија за било кој да успее да ја прогнозира, светската е преголема за било кој навистина да би бил моќен да ја анализира.
Знам дека многу ме сакаше мене. И сестра ми. Иако никогаш не успеа да ни го покажеш тоа. Помеѓу сите тие навреди имаше и зборови на љубов. Беа низ бука, но можев да ги препознаам. Сега почесто ги препознавам кога веќе сум оддалечен од тоа. И ги ценам. Се учам барем да ги ценам.
Имаше карактеристичен начин на кој ме гушнуваше и бакнуваше на образ од нигде никаде. Имаше превлажна усна за мој вкус, извини. Ама многу нешта би дал сега за да успееш да ме гушнеш и бакнеш така уште еднаш. Да ти ја почувствувам топлината на постоењето на мојот образ. И еднаш во неколку такви ситуации да ми кажеш: знаеш дека многу те сакам, така? И да ти вратам: знам, и јас тебе. Многу нешта би дал. Многу. Ама те нема, човече, те нема. У пичку матер.
Ми замина омилениот јамб соиграч. Никогаш не бев доволно добар колку тебе. Искуството победуваше над сите мои обиди да ја математизирам играта. Кога најдобриот потег во партијата ќе ми го предложеше ти, знаеше скромно да ми кажеш „ако бевме трпеливи уште 30 секунди, ваљда и ти ќе се сетеше“. Мразеше да губиш, знам. И јас мразам. И сепак ми дозволуваше да победам некогаш за да се осетам подобро, иако играта одеше на твоја страна.
Жал ми е, човече. Жал ми е што го имаше најобичниот, најпросечниот, најмалце стресниот живот на светот и не успеа да го видиш тоа и да уживаш во него. Мораше да се грижиш за се без потреба. Мораше секоја една работа да те секира. Мораше да бидеш постојано тажен, а немаше причина зошто. Мораше да бидеш депресивен. Мораше да бидеш нескромен пред луѓе за да се одбраниш од нешто нивно кое ти мислеше дека ќе ти го речат. Мораше да бидеш некогаш невкусен. А имаше се. Имаше живот кој е просечен, секојдневен, обичен, нормален. И не успеа да уживаш во тоа. Е тоа вечно ќе ме боли.
Мака ми е што не те видов можеби во светлото во кое навистина сакаше да бидеш виден. Можеби не бев доволно вистински тука за тебе. Ни ти не беше за мене, знам. Ниту себеси се оправдувам, ниту тебе.
Навистина, низ годините ќе пробам навистина да те разберам и прифатам во себе, иако ти никогаш нема да го знаеш тоа. Ќе дадам се од себе да твоите добри особини, кои навистина верувам дека постоеа, ги земам во себе и ги негувам.
Жал ми е и што се разделивме со многу лоши зборови. Се испокаравме најлошо што можеше. А те сакав. Иако беше ужасен многу често, те сакав. И уште те сакам. Да можам да го вратам времето, би ти рекол: не знам што те мачи, ама што и да е, отвори се и ќе го прифатиме и ќе те разбереме и ќе го надминеме заедно. И веројатно, овојпат јас ќе те бакнев на образ. Веројатно за првпат. Бидејќи и покрај се, ти ми беше едната половина од родителското дуо. Ти си човекот на чии подколеници заспивав кога имав едвај 90 сантими должина и кој трпеливо чекаше да паднам во длабок сон за да се помести. А кога ќе се подразбудев, пак ќе се вратеше на истата позиција за да не ми се прекине сонот. Трпеливоста да седиш во една позиција некогаш и со саати за да твоето дете спие мирно. Ти благодарам неизмерно за тоа. И за се друго кое ми го даде. Верувам низ годините ќе пронајдам дека многу си ми дал.
Ми замина омилениот јамб соиграч и се е полошо сега.