Џони, не враќај се!!!!
Доволен беше еден весник, еден мал, можеби глуп, бесмислен натпис во кој се најавува можното враќање на Бранимир Џони Штулиќ во музичките води, назад дома за да речам „Џони, не враќај се!“
Како дежурен Азролог, тоа беше доволно да си објаснам самиот себе си, на Вас, и на сите други...зошто Џони не смее назад!!
Нема многу да „масирам“ со вовед во смисла на „како се започна“, или пак, да напишам некоја поширока биографија за Бранимир Штулиќ. Оти, ако веќе сте се заинтригирале да го читате ова, сигурно знаете нешто, барем нешто за минатото на Џони.
Епа, еден и единствен, неповторливиот Бранимир, ретка појава во светски размери. И кога работата е таква, замислете каква „чест“ имал Балканот, па на него долги години да опстојува „вонземјанин“. Дека тој не е еден од нас, јасно е ко ден. Дали заради тоа што тој правеше работи што никој друг не ги ни можеше, или заради тоа што не беше сфатен, што беше поинаков, едноставно поинаков. Кој би знаел.
И што се правеше Џони, еве веќе поминаа 30 години откако тој за прв пат порача „Уради нешто“, па се изгледаше како да се менува, како што и самиот Џони сметаше. Самиот тој сигурно сметал дека има кој да го чуе, кој да го протолкува, кој да сфати што сака да каже со секој нов ред поезија. Но, ништо не било како што замислувал тој. Сепак, можеби премногу утописки гледал на работите.
И од друго, денешно светло се е појасно, попрегледно е некако. Ама од каде да знаел Џони дека сето тоа ќе испадне така и никако поинаку. Или немал услов и шанса за тоа, или намерно занемарил некои гледишта. Како самиот да не сакал да си признае со кого си имал работа. А сето тоа би изгледало вака...
Кој е Џони, а што е АЗРА?!
Ех, таа АЗРА. Бенд над бендовите во поранешна Југославија. Можеби единствено нешто што испадна спонтано добро од таа држава. Но за кого како. Џони беше лидерот на култниот бенд. Џони е шаманот! Иако беа тројца во бендот, сепак како one man show се прикажувал бендот. Самиот Џони тоа можеби и несвесно го форсирал, но сигурно не било намерно (само) неговото истакнување. Сепак, публиката го препознала правиот меѓу сите, па затоа и Џони беше наречен „Бог“. Ретко кој музичар, или општо човек со некое дело во секој главен град од бившите ЈУ републики може да се пофали дека има графит каде што е наречен „БОГ“. Колку Џони тоа го почитува, знаеме, ама сепак, нешто значи.
И прашањето, што е АЗРА?
Па, за некои беше само бенд, за нијанса полош, за нијанса подобар од другите. За други, тоа беше само добар начин да се помине ноќта, односно само обичен бенд на кој лесно може да испиеш три пива, да фатиш девојка и другиот ден да не се сеќаваш кој бил бендот. Вторите, се најчестите „фанови“. Но за нив, малку покасно. За трети, АЗРА беше светлина на тунелот. Во општество каде зборовите ти се редуцирани, АЗРА ти е секојдневен претставник, портпарол на работничката класа. Се што требало да се каже, Џони го пее. Тоа така некако изгледало. Ама проблемот е тоа што, третите биле и се многу малку. А според Џони, тоа многу боли. Затоа што, се поставува уште едно прашање...за кого и за што пееше Џони?!?!?!
Нешто околу поезијата и музиката
Триесет години поминаа од „Балкан“ и „А шта да радим“. Тие песни посекако му го поплочија патот на Штулиќ до југословенската рок сцена, но како што тој и самиот кажува, не сака да остане запаметен само по тие две песни. Кон автор би сакал најдобар дел од книгата да му биде воведот. Но, во случајов е така. Поим за АЗРА во денешно време меѓу бројните “фанови“ се токму тие две песни. Но, добро.
Инаку, главна цел, главна работа во Штулиќевата поезија е социјално – политичкиот мотив. И на тоа се базирани многубројни песни и албуми. Песни како „Ужас је моја Фурка“, 041, „Полска у моме срцу“, па песната посветена на другарот Тито – „Тко то тамо пјева“, или пак, пораката до бирократијата преточена во песна како „Курвини синови“, острата „Пољуби ме“ и уште многу други. За тогашно изнанадување, а денешно очекување, овие песни биле добро прифатени, но сепак, публиката се „дрвела“ на песни како „Ако знаш било што“ и „Као ти и ја“. Јас, како стар добар азрохоличар, немам ништо против тие песни и сите други од тој вид, оти се прекрасно направени, но филмот на Штулиќ не бил тој.
Ќе се согласите дека музиката на АЗРА не е баш ремек дело. Оти Штулиќ се потпирал на текстовите, а хипер продукцијата нему била баш наклонета према создавање на одлични музички изградени сегменти. Затоа, музиката која ги прати текстовите е некако „слаба“. А, пак кај песните со љубовни мотиви, секогаш е обратно. Малку поголемо внимание Џони обрнувал на музиката на овие песни, оти не му било важно дали овие песни (што на еден начин не му требаат) ќе излезат на овај или на следниот албум, што не било случај со песните на кои има политичко социјални мотиви, и пред се – пораки.
И кога се ќе се земе во предвид, од целата дискографија на АЗРА, испаѓа дека омилени песни на фановите на АЗРА се токму оние на кои Штулиќ не обрнувал внимание кога ќе бидат објавени, а за оние кои брзал јавноста да ги чуе, епа, тие се на некој начин – заборавени.
И пак прашањето – за кого и за што пееше Џони?!?!?!
Копија не е оригинал?!?!
АЗРА постави некои стандарди. За жал, или за среќа од друг аспект, постоеа некои дебилни музички фаци кои умешно знаеја да го искористат тоа. И копијата секогаш излегуваше подобра. Рибља Чорба, Бајага и компанија, според Џони беа музички фигури кои не би знаеле што би правеле во животот ако не го копирале него. Но, кој го сфаќаше тоа. Како доказ за тоа го приложувам фактот кој и секој го знае. Колку фанови има АЗРА а колку Рибља Чорба, а кој е Бајага денес. И додека Рибља Чорба преживеа, каде отиде Џони и зошто? Прашање, а?
И ова боли, тоа сигурно. И пак прашање. За кого и за што пееше Џони?!?!?!
Зошто Џони си замина во Холандија?
Тоа е прашање на кое само тој и никој друг може да одговори. Џони го „снемало“ уште во 1984 година, значи уште пред да се распадне АЗРА. Тој повремено се враќал дома, па затоа „официјалното заминување„ се бара во 90тите години. Но, зошто, поради што?
Сето тоа што спомнав погоре би можело, посредно или непосредно да влијаело на Бранимир Штулиќ и неговото „сакам надвор“. Некои ќе се прашуваат како е можно да си замине некој со такви идеи и соништа? Но, и тоа е можно. Само да напоменам, и после пак ќе го повторам. Џони на секој концерт носел торба полна со текстови со социјални мотиви. И додека тој пеел „Уради Нешто“ или „Јаблане крени“, други му се смееле зад грб. Кој воопшто имал слух за него. Битно е да се засвири некоја љубовна, заеби политика! Епа, штом е таква работата, поздрав! Тоа така некако би изгледало. И Џони е човек од крв и месо. Кога човек за своето дело не прима заслуги, кога никој не слуша што тој зборува, кога се што тој пее – се прави обратно, тогаш што тој бара тука?
И на крај, можеби најбитната работа што Џони го истера од дома. Додека тој бараше братство и единство, сите војни почнаа. И неговата „mala je zemja sada za sve sto mrze rata“ испадна неточна констатација, па затоа тој и го смени мислењето. Кога еден ист народ во иста држава војува меѓусебе, нема место за луѓе како Џони, ќе се согласите.
И едни прашање се наметнува: За кого и за што пееше Џони?!?!
Неколку години без Штулиќ
Не неколку, туку скоро две децении Џони физички не е присутен на Балканот. И сите го бараат, сите плачат по него. Ништо чудно во тоа, фановите да си го бараат идолот. Но, не беше така додека беше тој тука, а сега е. Но добро.
Џони живее во Утрехт, Холандија, и до пред скоро време беше тотално изолиран, и воопшто не ни сакал да чуе нешто за Балканот, ниту пак да види некој. Но, во последно време неколкупати телевизиски екипи и новинари го посетиле во неговиот дом во Утрехт. Некои не ги примил, на некои им давал интервју. Но, секаде стои јасно и гласно: Не се враќам дома!
Џони, човекот кој скоро 20 години никој го нема ни видено ни чуено, најверојатно нема ни да се појави на просторите на поранешна СФРЈ. Дали?
Зошто Џони не смее да се врати?!
Во ова делче ќе напишам некои причини кои се извлечени како заедничка констатација. Моја и Штулиќева. Зошто тој не се враќа дома?!?!
И пак ќе се навратам на еден дел погоре. Додека Штулиќ носеше торба полна со текстови кои рударите, студентите и останатите требаше да ги чујат, токму тие му се смееле зад грб. Впрочем, како што и самиот Бранимир вели, АЗРА е бенд со најмалку слушатели, односно фанови во историјата. Споре него, околу 50 души би се нарекле прави „Азрохоличари“. Никој не го слушал ни тогаш, а ни сега. Малкуте „фанови“ според него беа неколку „пропалици“ од кафаните каде што тој често полемизираше (Блато – Ѕвечка – Кафказ). И затоа тој се чуди зошто некој ги купувал неговите плочи, кога знаел дека никој не го сфаќа, не го разбира.
И на целиов муабет, кога и самиот Џони тврди дека педерски групи како Црвена Јабука имаат фанови 1000 пати повеќе од АЗРА, се поставува прашање: Кој е тој што го бара Џони назад?
Ај да провериме, лека полека, на кого му е Џони потребен назад.
- Дали заљубените души кои албуми купувале само заради „Jesi li sama veceras“, а воопшто не знаат која песна е „Uvjek ista prica“?
- Дали припадниците на (по)високата класа, кои се измеѓу првите, за кои Штулиќ не штедеше најлоши зборови и пола дискографија му е наменета на нивно паѓање?
- На некои националисти од секоја поделба, наспроти пораките на Штулиќ дека не постојат нации, граници, поделби?
- На концертот ќе има Срби кои сигурно ќе “горат од желба“ да ја чујат „Мој Дилбере“, или Хрватите кои едвај ќе ги чекаат стиховите „Београдске мокре улице“ од песната „Мокре Улице“. Сигурно..аха. Музиката на Штулиќ обединуваше, а на фановите баш не им е до обединување. И, резултатот е кој? А поентата ?
- На истите тие кои му ракоплескаа на Тито, на Милошевиќ, на Изетбеговиќ, на Месиќ, на Глигоров? Впрочем, истите тие беа мешавина од гореспоменатите „врсти“ на фанови на АЗРА.
- На кого?
И уште многу подточки можат да се извадат при лицемерието кое му се турка под нос на Џони. И пак се поставува прашањето: За кого и за што пееше Џони?
И за крај, мој коментар на нештата:
Одсекогаш на Џони му беа нудени пари да се врати дома. Тој упорно сето тоа го одбиваше. Доколку во најскоро можно време, Џони се врати дома само заради нечија понуда, а не по негова желба, тогаш, дали и тој би станал како тие кои му се смееја зад грб. Дали Штулиќ би направил неверојатен за него преседан? Дали Џони ќе си го касне јазикот?
Јас искрено верувам дека нема, затоа што Џони, навистина е БОГ, иако без свои поданици и верници.....