Адел подготвува нов албум и соработува со Рајан Тедер
По бројните хитови и награди, меѓу кои и престижната филмска награда Оскар, британската пејачка Адел веќе извесно време работи на нејзиниот трет студиски албум кој ќе го наследи успешниот „21“ од 2011 година. Иако за сега не се познати многу детали околу новото издание, се знае дека пејачката соработува со колегата Рајан Тедер од популарната група Уан Репаблик. Токму тој неодамна изјавил дека песните кои ги снимиле до сега звучат одлично, но и дека нема многу други информации за албумот, како и дека немал можност да слушне нешто од останатиот материјал. На прашањето кога ќе може публиката да очекува нова компилација од популарната британска пејачка, Рајан го изјавил следното: „Таа ќе одлучи да го објави албумот кога ќе биде задоволна со тоа што го направила. Единствената личност која ќе може да каже дека албумот е готов е токму Адел.“
Адел и Тедер соработуваа и на нејзиниот веќе легендарен втор студиски албум „21“, а интересно е тоа што музичарот не сакал да биде платен за неговата работа: „Уживав да работам со Рајан и тоа не ме чинеше ништо. Ми рече дека е голем фан и тоа е тоа“ – изјавила своевремено пејачката која се запознала со Тедер на доделувањето на Греми наградите во 2009 година.
Со оглед на тоа што „21“ постигна огромен успех сместувајќи се меѓу најпродаваните албуми на сите времиња, очекувањата од новиот албум на Адел се навистина големи. Во меѓувреме да се потсетиме на нејзиниот голем хит „Rolling in the Deep“.
Малку да ја оживееме темава со некоја плус инфорција за неа.