BEST PICTURE
ALL QUIET ON THE WESTERN FRONT – Класикот на Ремарк доби нова, сосема солидна екранизација
. „На запад ништо ново“ е сол на рана и ни малку не се грижи колку ќе пече. Целта му е да пече, да крвари, да боли. Да нѐ потсети да не романтизираме, да не идеализираме. Да се вреже длабоко во душата и да се всели таму уште некое време. Сите воени филмови во суштина се антивоени и зборуваат за бесмислата и иронијата на кошмарот наречен војна, но овој филм безмилосно нѐ фрли на фронтот, како на своите млади протагонисти, ликови тинејџери ни тутна пушки во раце и не ни кажа зошто ни како да се справиме. Им погледнавме во очи на ужасите и смртта на бојното поле, но ѕирнавме и во комфорот на генералите со големи амбиции и аспирации. И додека едните гинат како глувци и се препелкаат во кал, другите уживаат како господа во вкусот на храната и луксузните ентериери. Што го разликува овој филм од останатите од овој тип? Тоа што е брутално реален, не кокетира, не калкулира, не манипулира и не се обидува да ви се допадне. Го кажува тоа што има да го каже и си оди оставајќи горчина и дехуманизација зад себе. Се чини дека најголеми шанси за Оскар има во категоријата Best International Movies.
AVATAR: THE WAY OF WATER – Морав да го репризирам Avatar (2009) пред да го пуштам ова 3 часовно нуркање, бркање и пукање. По 13 години, веќе не е револуционерно и не нѐ воодушевуваат CGI и ефекти, ќе мора да се работи и на приказна која нема да фаќа само на патетична сентименталност, туку всушност и ќе „нурне“ (pun intended) малку подлабоко во светот на Пандора. Првиот дел всушност имаше повеќе „месо“, покрај тоа што беше eye-candy ни го објасни целиот свет полека и мирно како на дете. Овојпат 3 часа ми беа преголемо развлекување и честопати не успеваше да ми го купи вниманието. Ќе ја молзат кравата уште долго аватариве, ама не им предвидувам ништо повеќе од некоја статуетка за визуелната заслуга.
THE BANSHEES OF INISHERIN – Многу оригинално и уникатно парче филмска уметност. Ирска изолирана, идилична рурална средина, breathtaking кинематографија, фолклор и маестралниот перформанс на Колин Фарел и веќе имаме рецепт за незаборавно филмско искуство. Ако некој може да му парира за статуетката Leading Role на Брендан Фајзер годинава тоа е само Фарел преку улогата на еден сосема обичен, едноставен, просечен, дури и прост лик што го износи на себе до непрепознатливост. Онаа штурост, монотонија и осаменост во филмот, нѐ натера да се свртиме кон внатрешноста и смислата на нашата минлива егзистенција. Во овој животен век треба да останеме запаметени преку генијални дела или едноставно треба се задоволиме со повторувањето и рутината и да најдеме среќа во нив? Во Шекспировски стил ова прашање го носи чудниот, неочекуван, in medias res конфликт и тивкиот, спокоен расплет.
ELVIS – Уште една биографска драма за познат музичар која трае цела вечност. Но, главниот фокус не беше да се прикаже животот и успесите на Елвис, туку да се прикаже Елвис како жртва на капитализмот. Том Хенкс е многу лош каст за филмов, многу вештачки, како негативец од суперхеројски филм кој никако не се вклопува во овој тон. Остин Батлер пак од друга страна се забележува дека пристапил како метод актер и 3 години живеел со овој лик, однесувајќи се и зборувајќи како него. Дури и сега по интервјуа звучи како Елвис. Целосно му верувате дека е Елвис, па кога во пост-кредит одат кадри од вистинскиот Елвис, дури тогаш забележувате дека не ни изгледаат идентично. Како да гледав трејлер од 2 ипол часа и почувствував олеснување кога заврши. Освен костимографија или шминка и фризура категориите не гледам дека има други шанси за Оскар.
EVERYTHING EVERYWHERE ALL AT ONCE – Еден многу свеж пристап со една прилично рециклирана идеја (Rick and Morty) која ми направи таква збрка во главата и уште не сум на чисто дали е masterpiece или trash, веројатно времето ќе покаже најдобро. Тука сретнавме една апсурдност, сатира, егзистенционализам, очудување со секоја нова сцена. Тотално непредвидлив, збркан и различен од сѐ што сме виделе досега. Дури 11 номинации! По виралната реакција на Џејми Ли Куртис на Глобусите сигурно се крена хајпот и на Оскари. Некоја од техничките категории како монтажа им е загарантирана, но огромни се шансите и за најважната, Best Picture категоријата.
THE FABELMANS – Спилберг strikes again! Ова е новиот Cinema Paradiso, со автобиографските моменти на Спилберг. Раскажува убаво, природно и спонтано. Во океанот од претенциозни играња со структури и стилови, добро е да се потсетиме на старата, добра хронолошка нарација. На реномираните режисери им се може да потрошат милиони за во портфолија да си ја имаат сопствената животна приказна, а ние војаерски да ѕирнеме, без да чувствуваме дека читаме „жолта штампа“. Highlight-от е сцената со Дејвид Линч како Џон Форд, се разбира. Комплетен мимезис на реалноста, спакувана со memorable актерска игра. Очекувам статуетка за режија овде, макар што и Швеѓанецот Östlund би можел да изненади.
TÁR – И еве ја Кејт Бланшет на пат кон својата трета статуетка. Не знам дали Бланшет е родена за да ја игра Лидија Тар или пак Тар е измислена за да ја игра Кејт Бланшет, но како и да е, бевме сведоци на една брилијантна актерска игра. Самоуверена, полна со себе и параноична, прогонувана од „духовите“ од своето минато Тар храбро чекори кон патот на сопствената самодеструкција. Цела една студија на комплексен карактер. Едно убаво структурирано сценарио. Филмот отвори и прашања и дилеми за сепарирање на личноста на уметникот од неговата уметност и ги негираше позитивистичките ставови. Последниве години на Оскарите ретко се гледаат филмови кои се поттик за контемплација долго потоа, овој е еден од нив.
TOP GUN: MAVERICK – Top Gun (1986) и Top Gun: Maverick (2022) заслужија да ги изгледам во еден ден за да имам комплетен впечаток. Овој ретко добар sequel е носталгично навраќање кон оригиналот, во кој Том Круз глуми ко 36 години да не излегол од карактерот Маверик. Носталгијата знае да биде лизгав терен и да се спасува со сентименталност, но Top Gun: Maverick успешно и бега на патетиката. Ова е еден реалистичен приказ, едно љубовно писмо кон авијацијата, семејството, пријателите. Одличен е кастингот за синот на Гус, Мајлс Телер и физички и карактерно наликува на младиот Ентони Едвардс. Сценариото е едноставно, ненаметливо, а сепак динамично и ве држи на работ на столчето, го чувствувате адреналинот, секогаш кога ликовите маневрираат во воздух и вие сте „таму горе“ со нив. Не му предвидувам големи успеси на самата Оскаровска манифестација, но ќе ми остане во сеќавање како еден модерен класик, грандиозен и создаден за големо платно.
TRIANGLE OF SADNESS – Добитникот на канската „Златна палма“ сосема заслужено си го најде своето почесно место на Оскарите. Едно брутално, невоздржано плескање во фаца (нешто што The Menu се обиде да го претстави, ама со политичка коректност и многу послаб интензитет од кој вриштеше – „а мене едно незгодно“), урнебесна критика на ѕвездите на социјалните мрежи, олигарсите, бизнисмените, ултрабогаташите со нула животни вештини. Еден вулгарен приказ на губењето моќ и „кругот се врти“ ситуација, промена на општествената хиерархија, проследени со иманентата карактеристика на секој човек – борбата за преживување. Би сакала да се закити со статуетка бидејќи пред сè заслужува награда за храброста во овие woke и cancel времиња.
WOMEN TALKING – „Не прави ништо. Остани и бори се. Замини.“ Пред овој избор се оставени жените од една религиозна средина, соочени со физички и сексуални злоставувања од страна на мажите. Филмот е пред сѐ dialogue driven како што кажува и самиот наслов. Освен некој флешбек од минатото, не постои друга акција. Собрана е преталентирана, докажана, женска актерска екипа под режисерската палка на Сара Пули. Тоа што сценариото е базирано на книга, која пак е базирана на вистински настани многу го засилува емотивниот набој на филмот. Опфаќа важни теми како: насилство, педофилија, родова нееднаквост, неедуцираност, конзервативност и репресија. Дијалозите се моќни и тензични, но сепак ми фалеше барем минимална акција. Како и жените, филмот како да се плашеше да ја покаже бруталноста на мажите, ами само ни ги пласираше последиците од неа. Феминистичкото лоби издејствувало номинација на Оскари, но мислам дека и тука ќе застане.