Од понеделник ќе бидат пуштени во употреба новите регистерски таблици, а скопјани први ќе имаат можност да ги добијат, додека во текот на следната недела ќе бидат достапни и за другите граѓани на Македонија.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на прес конференција денеска ја изврши и презентацијата на новите регистерски таблици.
“Старите таблички кои се издаваа скоро 20 години, односно од 1993 година, заминуваат во историјата, а очекуваме со оглед на бројот на комбинации, новите да се издаваат во наредните 30 - тина години. Новите регистарски таблички од понеделник ќе почнат да им се делат на граѓаните, најпрвин во Скопје, а до крајот на неделата и во останатите градови во земјава, откако истите ќе бидат дистрибуирани до подрачните служби на МВР“, изјави Јанкулоска на презентацијата.
Цената на новите таблици останува иста, 1.200 денари, а околу 1.200 евра ќе чинат таблиците на кои ознаките ќе бидат направени по желба на возачите. Овие ознаки можат да содржат од три до девет букви, но и содржина која нема да биде или провокативна или пак неетичка.
Јанкулоска посочи дека новите регистерски таблички се изработени согласно европските стандарди и поседуваат далеку повисок степен на заштита од досегашните.
Министерката нагласи дека она што е важно за граѓаните е фактот дека, согласно донесениот правилник, граѓаните нема да бидат изложени на непотребни трошоци, односно старите регистерски таблички кои веќе ги поседуваат ќе важат и во иднина и не постои законска обврска истите да бидат сменети, освен доколку граѓанинот не сака да го стори тоа.