ПРОКЛЕТСТВОТО НА ПАЛАТАТА НА МОЛДАВСКИОТ ПРИНЦ ВО КОЈА Е ПОДЕЛЕНА МАКЕДОНИЈА
Таа палата веќе не постои. Урната е во 1946 година откако беше тешко оштетена две години порано во текот на бомбардирањата во Втората светска војна. А беше една од најубавите згради во Букурешт кога беше завршена во 1901 г., токму онаква за да го одрази духот на нејзиниот градител, принцот Григорие Стурдѕа, кој беше многу богат, многу го сакаше животот и с` што носи тој. Локацијата сега е празна, а во непосредна близина е зградата на романската влада. Ваков одговор, во пресрет на утрешната 100-годишнина од потпишувањето, деновиве добивме во Букурешт во обидот да дознаеме во кој објект во романската престолнина бил заверен познатиот Букурешки договор, со кој силите-победнички во Втората балканска војна ја распарчиле дотогашната територија на Отоманската Империја во Европа, која во најголем дел беше населена со македонскиот народ.
Мини-истражувањето што го направивме го откри податокот кој е познат на романските научни и други кругови, но сосема недоволно познат на македонските историчари и на јавноста - Букурешкиот договор на 10 август 1913 година бил потпишан во тогашната палата, во која во тој период било министерството на надворешни работи на Романија.
Меѓу жителите на романската престолнина оваа палата е позната како „Палата Стурдѕа“ по името на нејзиниот нарачател и градител Григорие Стурдѕа, молдавски принц и романски политичар и чие богатство и односот кон животот им се добро познати на жителите на престолнината и пошироко. Потврда за ова добивме од Националниот музеј на романската историја, чиј музејски куратор Лаура Лаптои во куси црти ни ја раскажа и приказната за богатиот принц кој, за жал, не дочекал да живее во преубавата палата што решил да ја подигне.
- Зградата за која се интересирате е „Палата Стурдѕа“, која се наоѓаше на скверот „Викторија“ во Букурешт. Таа беше конструирана меѓу 1897 и 1901 година за нејзиниот сопственик Григорие Стурдѕа. За жал, истата година кога зградата била завршена, починал и нејзиниот сопственик. Неговото семејство потоа решило да ~ ја продаде палатата на романската држава и таа станала седиште на министерството за надворешни работи. Таму беше потпишан и договорот во 1913 година - ни објасни кураторката Лаура Лаптои, создавајќи ни на тој начин впечаток за своевидното проклетство на оваа палата чиј сопственик починал без да ужива во неа, во која е поделена Македонија, која била разурната во војната неколку децении потоа и од која романските комунистички власти не оставиле ниту камен.
Претходно, во контактите со македонските историчари не успеавме да добиеме информација за тоа дали на нашата историографија ~ е познато каде точно е потпишан договорот. Во книгата „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија 1913“ авторите Ванче и Александар Стојчев го наведуваат податокот објавен на веб-страницата на самитот на НАТО одржан во Букурешт во 2008 година, според која, потпишувањето на Договорот се случило во дворецот „Kантакузин“ во Букурешт, а тоа не се совпаѓа со информацијата од Националниот музеј на романската историја.
Сала полна со ножици
Kураторката Лаптои и информациите што може да се добијат во разни видови изданија што се занимаваат со романската историја и со знаменити личности покажуваат дека во оваа палата тогаш се собрале претставници на победничките и на поразените сили во Втората балканска војна - на Романија, Грција, Црна Гора, Србија и на поразената Бугарија за да го официјализираат претходно освоеното од тогашната Отоманска Империја. Познато е дека како последица на ова распарчување македонскиот народ потоа бил изложен на сурова политика на денационализација, што ја спроведувале властите на државите во чии рамки се нашле.
Не е познато во која точно просторија се извршувало потпишувањето на мировниот договор. Познато е само дека на приземјето принцот предвидел простор за приеми, салони за гости, трпезарија и турска одаја. Салони имало и на горниот кат. Сепак, од малкуте оригинални фотографии од самиот тек на преговорите се гледа дека салата им дала комфор на многуте преговарачи додека со ножици ја сечеле картата на етничка Македонија.
„Палатата Стурдѕа“ во тоа време била најрепрезентативен објект во Букурешт и во неа биле вложени и многу пари и големиот мерак на молдавскиот принц Григорие Стурдѕа. Неговото семејство е практично најпознато семејство во Молдавија како по моќта така и со богатството со кое располагало. Неговиот татко Михаил (1794-1884) беше владетел на ова земја, а во поседот на семејството беа најголемиот дел од нејзините богатства. Дел од Молдавија во 1859 година се обединува со Влашка и формираат модерна романска држава.
Пред ова владетелот Михаил Стурдѕа го добива синот Григорие во 1821 година, кој, како што во тоа време му прилегало, се школувал во Париз и во Белин водејќи авантуристички живот. Подоцна, во ситуација кога Молдавија беше изложена на влијанијата и на амбициите на Турција и на Русија, младиот Григорие во еден период станал дури и генерал во турската отоманска армија носејќи го името Муклис-паша. Претходно станал познат по својата физичка сила поради што го добил и турскиот прекар Бејзади теле, што во превод значи принц теле. Причината за ова била што постојано практикувал тешки физички вежби во текот на кои секојдневно кревал и теле на раце. Придонел во задушувањето на револуционерното движење во Молдавија во 1848 година, а учествувал и во Kримската војна од 1853 до 1956 година. Во 1859 година се обидел да го победи својот татко во трката за молдавскиот престол, но безуспешно за потоа во 1866 година да стане пратеник во романското Собрание и да биде дел од русофилското движење. Интересно е што тој идеолошки му припаѓаше на механичкиот материјализам, кој во тој период беше актуелен како научна теорија. Го напишал и филозофскиот труд „Основните закони на светот“.
Принцот не ја дочека
Семејството Стурдѕа во тие децении во Романија веќе имало многубројни палати, кои и денеска се познати по својата убавина. Одлуката за градбата на палатата во Букурешт тој ја донел кога веќе бил во поодминати години – 76, но на крајот таа излегла најубава.
- „Палатата Стурдѕа“ со својата еклектика и уникатен архитектонски стил ја одразува личноста на романскиот принц, но и неговиот статус и богатството - вели Лаптои.
Тоа е период кога принцот, за кого стана познато во јавноста дека е чувствителен на женски шарм, зад себе има три брака и безброј врски со разни жени. Но и покрај толку бракови, тој на крајот немаше легитимен машки потомок. Единствениот син што му се роди во поодминати години беше вонбрачен, а многу од децата со тогашните сопруги му починаа во најрана возраст.
Инаку, за градбата на палатата бил ангажиран тогаш познатиот архитект со германско потекло Јулијус Рејнике. По четиригодишната градба се доби објект, кој беше богато декориран, со мешање разни стилови и епохи, но кој поради својата убавина стана обележје на градот. Но, во истата година кога беше завршена, 1901 година, принцот починал, по што палатата ја презела државата.
- Сега на местото на палатата нема ништо, а објектот „Викторија палас“, кој се изгради во периодот од 1937 до 1944 година и беше веднаш до неа, стана седиште на романскиот премиер. Палатата остана во сеќавањата на градот како една од најубавите и најраскошни згради - објаснува Лаптои.
Kако се ковеше договорот
30 јули: Почнуваат преговорите, а први сигнали се дека брзо ќе завршат. Единствен проблем се очекувал меѓу Бугарија и Грција за Kавала. Било договорено утредента да започне петдневното примирје, што ќе го замени војната доколку не се дадат гаранции дека договорот ќе биде постигнат.
31 јули: Се договара спротивставените страни меѓусебно да ги решат спорните прашања. Грчкиот претставник Венизелос изјавува дека Kавала мора да остане грчка, а дека Гевгелија најверојатно ќе остане српска. Владеело уверување дека големите сили нема да имаат ништо против Србија да ја добие Македонија од левата и од десната страна на Вардар с` до Гевгелија. Се појавила и веста дека Бугарија може да го истакне прашањето на автономија на Македонија како последна шанса да ги спречи аспирациите на Србија и на Грција. Тоа не поминало оти Србија и Грција ја имаат голема поддршка на Франција и на Велика Британија како брана против австриско и руското влијание на Балканот.
1 август: Бугарија ~ ја отстапува на Романија Добруџа надевајќи се дека таа потоа ќе биде неутрална. Официјалната конференција започна во 16 часот, но е прекината оти е констатирано дека договорот не е постигнат. Прашањето на Kавала станува клучно бидејќи Русија преку Бугарија сака излез на море за Турција да не може да ја блокира на Босфор.
2 август: Обелоденети се барањата на делегациите. Од Бугарија се бара да се повлече по реката Струма, сите острови во Егејско Море, да плати отштета, да даде гаранции за населението во Тракија. Франција, В. Британија и Германија инсистираат Kавала да ~ припадне на Грција.
3 август: Бугарија се надева дека ќе ~ остане левата страна од реката Вардар до Гевгелија. Србија останува непопустлива барајќи ги Kрива Паланка, Kратово, Штип, Радовиш, Kочани, Струмица и Гевгелија. Пристаништето Kавала е главен предмет на преговорите и бугарската делегација го сака најмногу. Грција и Србија почнале да шират шпекулации дека е можно војната против Бугарија да се обнови.
4 август: Пауза во преговорите, но и пленарна седница со цел да продолжи примирјето. Сепак, се преговарало. Бугарите се откажувале од Штип и од Kочани, но ги барале Радовиш и Струмица полагајќи надежи во Австрија, Италија и во Русија, но и во ревизија.
5 август: Забуна внела веста дека Бугарија најавила оти војната ќе продолжи, но тоа беше демантирано. Нивната делегација рече дека се откажува од Вардарска Македонија, но си ги сака Kавала и Орфанскиот Залив, но потоа попуштила. Почнале ручеци во чест на делегациите.
6 август: Денот кога е постигнат конечен договор во периодот од 16 до 20 часот. Србија ги добила Штип, Kочани, Радовиш и Гевгелија, а Грција Kавала. Делегацијата на Србија ликувала.
7 август: Голем немир кај сојузниците внела веста дека Австрија и Русија ќе бараат ревизија на договорот. Црна Гора побарала да добие територии што ~ би овозможиле натамошен посигурен и побезбеден развој бидејќи загубила 17.000 луѓе. Франција најавила дека ќе биде против ревизија.
8 август: Изготвен е текстот на мировниот договор, а потпишувањето е најавено за в понеделник. Не е внесена бугарската желба за негова ревизија, а нивната делегација веќе заминала за Русија за таа земја да побара ревизија. Британскиот став бил дека договорот треба да се смета како конечен. Во Грција веќе започнало славење.
9 август: Недела. Делегациите се во исчекување на наредниот ден кога требало да ги стават потписите.
10 август: Потпишан е Букурешкиот договор, со кој е поделена македонската територија. Пред потпишувањето грчкиот претставник Никола Политис имал предлог членот 1 да гласи: „За да се воспостави мир и хармонија меѓу договорните страни...“. Бугарскиот претставник Симеон Радев не се согласил со зборот хармонија, по што тој бил избришан. Во круговите на делегациите на ова се гледало како на лош знак.
Србија ги добила вардарскиот дел на Македонија, Kосово, дел од Метохија и дел од Санџак, со што нејзината територија била зголемена за 39.000 квадратни километри и за 1.290.000 жители. За 7.000 квадратни километри и за околу 260.000 жители, пак, се зголемила Црна Гора добивајќи ги територијата Васоевиќи, дел од Метохија и дел од Санџак. Грција ги добила северен Епир, егејскиот дел на Македонија, Халкидичкиот Полуостров со Солун, дел од западна Тракија и многу острови во Егејското Море. Со тоа се зголемила за 51.300 квадратни километри и за 1.624.000 жители. Бугарија, пак, го добила пиринскиот дел на Македонија, градот Струмица со околијата и дел од западна и од источна Тракија. Таа се зголемила за 21.000 квадратни километри и за приближно 600.000 жители.