„Мобилком Австрија” избран за трет мобилен оператор
МИА
04.02.2007 Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации донесе одлука со која „Мобилком Австрија” е избран за трет мобилен оператор во Македонија.
Одлуката на Комисијата на АЕК следи по извештајот на тендерската комисија во која се наведува дека „Мобилком Австрија” ги исполнува сите пропишани квалификации и критериуми, согласно тендерската документација.
Како што посочи премиерот Груевски, цената на повиците во нормална тарифа кон сопствената мрежа и кон друга мобилна мрежа ќе изнесува 11 денари за минута, наспроти цената од 21,6 денари на сегашните оператори, а во евтина тарифа 3,1 денари, наспроти сегашните 9 денари.
„Мобилком” треба да почне да работи шест месеци по добивањето на радиофреквенциите
Цената на просечниот кориснички пакет за период од шест месеци без СМС во нормална тарифа, ќе се намали од 928,8 денари на 473 денари или за 50%, а во евтината тарифа од 675 денари на 232,5 денари или за 67%.
Со изборот на австриски „Мобилком” на тендерот за трет мобилен оператор Владата на Република Македонија ги оствари предизборните ветувања за либерализација на пазарот за електронски комуникации, нагласи денеска на прес-конференција македонскиот премиер Никола Груевски.
Груевски потсети дека активностите на Владата за либерализација на пазарот на електронски комуникации следеа по забелешките кои ги доби Република Македонија од страна на ЕУ за немањето целосна либерализација на секторот за електронски комуникации и на забелешките од граѓаните за високите цени и монополското однесување на двата постоечки мобилни оператори. Владата, додаде тој, согласно своите предизборни ветувања за либерализација на пазарот на електронски комуникации досега драстично ги намали цените за интерконекција, промовиран е влезот на вториот фиксен оператор, а избран е и трет мобилен оператор, кој е реномирана компанија од ЕУ, Мобилком од Австрија.
„Придобивка за граѓаните од изборот на третиот мобилен оператор во земјата се намалување на цените на услугите во мобилната телефонија за 50-67 проценти, либерализација на пазарот на мобилна телефонија, влез на реномиран странски инвеститор на македонскиот пазар кој понуди 10 милиони евра за добивање на дозвола за работа во период од 10 години, со што се стимулира економскиот развој на земјата и отворање на нови 250 до 300 работни места за граѓаните на Македонија”, подвлече Груевски.
Мобилком е должен по една година од денот на добивање на одобрението за користење на радиофреквенции да обезбеди 30 процентна покриеност на населението на Македонија, по две години 50 проценти покриеност, а по четири години 90-процентна покриеност.
Мобилком Австрија има 3,63 милиони корисници во Австрија и покрива 38,8 проценти од австрискиот пазар за мобилна телефонија. Како мобилен оператор австрискиот Мобилком работи во Словенија, Хрватска Бугарија, Лихтенштајн, Србија, а во Косово учествува во тендерот кој е во тек.
Од јануари 2003 година групацијата Мобилком Австрија учествува во партнерската мрежа на „Водафон”.
Одговарајќи на новинарски прашања зошто на тендерот се јавил само еден понудувач, премиерот Груевски истакна оти тоа е прашање за компаниите.
„Нашата цел е постигната-граѓаните да добијат за 50-60 проценти пониски цени. Баравме бренд компанија и добивме бренд компанија, и не треба да губиме време во анализа на тоа”, рече на денешната прес-конференција во Владата премиерот Никола Груевски на која присуствуваше и дел од министрите од владиниот кабинет.