Веројатно имам пишано на темава. Ама ако. И онака есента е период во кој покрај грипот и настинката, носталгијата е најчесто заболување. Ми фали способноста наједноставните нешта да се доживуваат со таква радост, каква што во позрелите години ја нема кога се во прашање и поголеми работи. Еден цртан во 19.00 на пример, паѓање на снег, или некоја безвезе играчка. Може и чоколадо.
Зимскиот и летниот распуст: да се заборавиш, да се изгубиш во времето, да не знаеш колку е часот и кој ден е (оваа состојба се менуваше постепено, некаде по 20 август). Имаше еден џокер за нас, кај зимскиот распуст и го имам начекано/искористено два-три пати - моментот кога на вестите ќе кажат дека поради раширеноста на грипот, започнувањето на школувањето се одложува една недела!
![Возбуда :vozbud: :vozbud:](/styles/default/xenforo/emot/vozbud.gif)
Имаше и еден збор, „симпатија“, со кој беше означувано девојче (или обратно, кај девојчињата: момче) кое ни се допаѓа. Нешто како прва љубов, ептен детска и наивна, ама и најискрена. И другарствата беа такви, искрени, и скарувањата и смирувањата. Знаевме да се собереме повеќе деца и цел ден, до касно навечер, да забегаме со некои игри, па да не прибираат од дома.