Пред сигурно повеќе од 10 години сонував еден сон којшто го памтам до ден денес. Беше претерано реален, пластичен.
Излегувам од дома, темно е, застанувам пред влезот на соседната зграда, а таму има и други луѓе, одеднаш од небото доаѓаат ангели (или барем јас така си ги нареков) и секој еден ангел зема во рацете еден човек и летнува високо горе заедно со него. Мојот ангел беше една девојка, со многу нежен и милозлив глас, знам дека долго време летавме над Скопје и дека разговарав со неа на најразлични теми. Цело време додека траеше сонот бев во екстаза, кога се разбудив сабајлето бев најсреќниот човек на светот.
Сум размислувал многу пати што би требало да значи овој сон и зашто ми е толку врежан во сеќавање, но мислам дека не ми е важна премногу поентата, кога ќе се сетам на него е како некое вистински доживеано искуство и секогаш се присеќавам на возбудата што ја чувствував за време на сонот и наредниот ден.