Првата понуда за Ето, 40 милиони евра
Водечките луѓе на Милан се цврсто решени да го ангажираат Самуел Ето во рамките на летниот преоден рок.
"Газета дело Спорт" во своето вчерашно издание објави дека Адриано Галијани и Ариедо Браида веќе го закажале стартот на преговорите со Каталонците. Имено, веднаш по завршувањето на сезоната во Примера, на 18 јуни Галијани и Браида ќе отпатуваат за Барселона, каде и официјално ќе ја врачат првата понуда од 40 милиони евра за услугите на Камерунецот.
Со оглед на фактот дека Барса очекува повеќе пари од продажбата на Камерунецот, ваквата понуда најверојатно ќе биде одбиена. Сепак, целта на "росонерите" е да дознаат колку точно пари сакаат Каталонците за својот најдобар голгетер, за потоа по потреба да вклучат и некој од своите фудбалери во овој трансфер.
Шпанските медиуми најавуваат дека Барса нема да се задоволи со понуда помала од 50 милиони евра за Ето, но "росонерите" се подготвени да платат толку пари за токму Камерунецот да му биде партнер на Роналдо во нивниот напад следната сезона. Доколку двата клуба се договорат за отштетата, Ето веќе ја прифатил понудата на Милан за петгодишен договор вреден шест милиони евра по сезона.
Рафа се врти кон Фернандо Торес
Рафа Бенитез продолжува со потрагата по елитен голгетер, кој би го предводел нападот на Ливерпул во следната сезона.
Иако некое време се шпекулираше дека "црвените" се фаворити прво во трката за Карлос Тевез, а потоа и за Самуел Ето, сепак, последните информации говорат дека Ливерпул нема да стигне ниту до Аргентинецот, ниту до Камерунецот.
Фактот дека и двајцата фудбалери се проценети на околу 50 милиони евра ги прави Тевез и Ето премногу скапи за Бенитез, кој реши своето внимание да го насочи кон некои други играчи на неговата листа со потенцијални засилувања.
Англиските медиуми шпекулираат дека Мајкл Овен би можел да се врати на Енфилд, но Шпанецот стравува дека склоноста на овој фудбалер кон повреди може сериозно да им наштети на шансите на Ливерпул во трката за титулата.
Поради ова, информациите од Островот говорат дека Бенитез своето внимание целосно го насочил кон Фернандо Торес.
Младиот напаѓач е разочаран откако Атлетико Мадрид повторно имаше потпросечна сезона. Со оглед на фактот дека Атлетико најверојатно во идната сезона ќе се натпреварува во Интер-тото купот, јасно е дека Фернандо Торес ќе настојува летово да си замине од Висенте Калдерон.
Бенитез е подготвен да плати 30 милиони евра за услугите на Торес, а можно е како "мамка" при овој трансфер да биде уфрлен и Луис Гарсија, за кого се очекуваше уште во текот на минатото лето да се врати во Шпанија.
Во случај Атлетико да ја одбие понудата на Ливерпул, Бенитез ќе мора да ја искористи клаузулата во договорот на Торес, која вели дека клубот што ќе плати 40 милиони евра, автоматски добива зелено светло за директни преговори со шпанскиот ас.
Сакам да играм за Фиорентина
Валериј Божинов не успеа да ги импресионира челниците на Јувентус во текот на оваа сезона, поради што водечките луѓе на "Старата дама" решија да не го откупат неговиот договор со Фиорентина.
Така бугарскиот интернационалец пред неколку дена се врати во Фиренца, од каде порача дека би сакал да добие нова шанса во дресот на "виолетовите".
" Јас научив многу работи во Јувентус, тренирав крај 'ѕвезди' како Трезеге и Дел Пјеро, од кои научив многу работи. Нема да останам во Јуве, но затоа моја желба е идната сезона да го носам дресот на Фиорентина. Не би сакал повторно да бидам отстапен на друга екипа, затоа ќе инсистирам да останам на Артемио Франки. За мене Фиорентина е навистина голем клуб и би сакал да останам тука и да добијам шанса да настапувам за оваа екипа. Само видете ја кариерата на Лука Тони откако дојде тука, јасно е дека Фиорентина е тим што може да направи вистинска 'ѕвезда' од секој фудбалер што ќе игра одлично", истакна Божинов.