Ова се новите членови на ДПМ:
1. ХАНА КОРНЕТИ (1992, Скопје) е писателка, копирајтер, уредник на контент и пишувач на хибридни (новинарски-контент) содржини. Завршила историја и филозофија паралелно при универзитетот METU во Анкара и магистрирала на културолошки студии при Сабанџи во Истанбул. Tаа е автор на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-или), неколку раскази објавени на англиски во странски онлајн списанија и две детски пиеси. Нејзиниот расказ „Исчезнувањето на дамата“ е награден на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ и ја доби наградата на „Конкурсот за драмски текст“, распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и Драмски театар – Скопје со драмскиот текст „Патот на Баба Јага“.
Според COBISS има објавено само 2 книги:
*Млечни заби : раскази (Или Или, 2021)
*Илина и шумските тролови, роман за деца (Или Или, 2023)
2. МИТКО ГОГОВ - роден 1983-та година во Скопје, Македонија. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата twitter. Најновата форма со која експериментира е просторот на неговиот “статус” на социјалната мрежа facebook. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, USA, Русија, Шпанија, Србија, Хрватска, Албанија, Бугарија… Актуелен со неговата е-стихозбирка Ледена вода издадена во Србија и во Македонија, во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа Антолог. Младински работник и активист, концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија… Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали. Блогер, секогаш отворен за комуникација.
Негови дела:
*Ледена вода - поезија (Антолог, 2014)
*Скриено писмо - поезија (Антолог, 2019)
*Линијар [бројки] : хаику циклус (Макавеј, 2021)
*Бог на ба(к)терии - поезија (Макавеј, 2024)
3. ИСКРА ДОНЕВА е родена на 20 јули 1983 во Скопје, каде завршила основно образование и природно-математичка гимназија. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а на истиот факултет се запишала и на постдипломски студии. Таа е член на поетскиот кружок „Мугри“, како и на клубот „Унеско: Живите јазици - прозорец кон светот“. Искра Донева започнала да пишува и да објавува поезија на седумгодишна возраст. Во 2000 година излегла нејзината прва збирка поезија „Говорот на срцето“. Исто така, таа објавувала поезија и во списанијата: „Огледало“, „Феникс“, „Мравка“, „Спектар“, „Наше писмо“, како и во електронските списанија „Мираж“ (
www.mirage.com.mk) и „Литернет“. Во 2006 година ја објавила првата збирка со хаику-поезија „Кој ќе ги згрее птиците“, а во 2009 година излегла и втората збирка со хаику-поезија „Небеска раскрсница“. Нејзини песни се преведени на англиски, полски, бугарски и француски јазик, а таа се занимава и со превод од англиски и француски јазик.
Објавени дела:
*Говорот на срцето - поезија (Примак-ко, 2000)
*Кој ќе ги згрее птиците - поезија (Македонска Реч, 2006)
*Небеска раскрсница = Sky's crossroad - поезија (Магор, 2009)
*Лазарополски хаикуа - хаику поезија (И.Донева, 2013)
*Скакулче игра плочка - поезија (И.Донева, 2013)
*Татко - поезија (И.Донева, 2013)
*Јас, принцеза од бајки - поезија (И.Донева, 2014)
*Калеидоскоп : хаику (И.Донева, 2015)
*Љубовни далги : хаику (И.Донева, 2015)
*Конфликтот на интерпретациите и разбирањето на наративните текстови - магестерски труд (И.Донева, 2016)
4. СИМОНА ЈОВАНОСКА е родена во Гостивар, во 1985 година. Таа е мајка на две деца. Во 2010 година, Јованоска го освоила третото место на конкурсот за краток расказ, објавен од интернет-порталот „Окно“ за расказот „Фотографија". Во 2015 година ја објавила првата своја книга, збирката раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на Или-Или. Некои од нејзините раскази се обработувани на ОКК, по наставниот предмет Метафикција. Во меѓувреме пишувала колумни за B2B списанието „InBar". Во 2019 година, со расказот „Последниот кат“ го освоила второто место на конкурсот објавен од весникот „Нова Македонија“. Во 2021 година го објавила романот „Денот на црвот“ кој ја добил наградата „Роман на годината“ за 2021 г. Романот, во 2024 година, доби превод на бугарски и на српски јазик. Во 2022 г. го освојува првото место на конкурсот објавен од весникот „Нова Македонија" со расказот „Кажи му на кучето". Истата година во декември ја промовира нејзината трета книга, а воедно прва книга за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави" во издание на Чудна шума. [2] Три нејзини раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).[3] Во 2024 година, во издание на Или-Или излезе вториот роман на Јованоска, насловен како „Леска Брезоска“.
Објавени дела:
*Градот Вабу и потрагата на Нави - сликовница (ИД-Концепт консалтинг и дизајн, 2022)
*Ги најдов во длабокото - раскази (Или Или, 2015)
*Денот на црвот - роман (Или-Или, 2021) - Добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021
*Леска Брезоска - роман (Или Или, 2024)
5. МИЛЧО МИСОСКИ е роден во Струга 1972 г. Република Северна Македонија Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, специјалист микробиолог, примариус, магистер на медицински науки. Автор на неколку поетски збирки: „Чекајќи го ангелот“ (1992), „Чекајќи го ангелот / Waiting for the angel“ (2019) второ издание со превод на англиски јазик, „Записки“ (2013), „Изневерено време“ (2016), „Песочни капки“ (2017), „Стаклени сенки“ (2020), „Ефемиди“ (2022). Негова поезија е застапена во антологиите: “Поетите од Струга” (2001г.) во издание на СВП, “Дај две љубовни” (2015) и “Нема стих нема мир” (2017) Антолог. Објавува поезија во повеќе книжевни списанија („Мостови“, „Одзиви“ и др.) на просторите од поранешна СФРЈ, како и во „Современост“, „Стожер“, „Раст“. Учествува на Меѓународната поетска манифестација “100 Thousand Poets for Change”– Струмица (2018 – 2023). Неговата поезија е преведена на српско – хрватски, бугарски и англиски јазик.
Добитник на повеќе награди за поезија:
‣ Ратковиќеви вечери на поезија Бјело Поље (Црна Гора) 1989 г. награда за збирка поезија од млад автор.
‣ Неговата прва збирка поезија „Чекајќи го ангелот“ 1992 г. е прогласена за најдобра збирка поезија на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија.
‣ Плакета Поетијада – 2019, Белград, Република Србија.
‣ Mili Dueli Online Balkan Poetry Contest 2019 и (2020 – 2022) Jajce, Bosnia and Hercegovina,
‣ Плакета – најдобар автор од Република Северна Македонија и Плакета за интернационален допринос во развој на поезијата како гранка од книжевноста.
‣ Сина повелба МПФ Панонски галеб – 2020 Суботица Република Србија,
‣ Reader choice BOOK AWARDS 2020 Стаклени сенки – 3 Место, Антолог, Скопје
‣ МПФ Литературни искри – 2020 (VII издание) Прва награда и Гран При – 2022 (IX издание).
‣ Книжевна награда – Караманов 2022 г. – Радовиш, Република Северна Македонија.
‣ Охридски поетски бисер 2023 г. – Осма меѓународна поетска манифестација – Прва награда