Сагата привршува!
По објавувањето на конкурсот за кандидатури Претседател и други тела на ДПМ кој траеше до вчера, денес конечно ДПМ ги објави кандидатурите: за Претседател на ДПМ има четворица, за Претседател на Собранието на ДПМ - двајца:
КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ:
1.
ЖИВКО ГРОЗДАНОВСКИ - македонски писател и книжевен преведувач, роден на 10 ноември 1986 во Кичево. Основно образование завршил во Бигор Доленци и во Кичево, а средно во Американската гимназија Нова во Скопје. Дипломирал на Универзитетот Св. Кирил и Методиј на Филолошкиот факултет Блаже Конески на Катедрата за романски јазици и книжевности, на Отсекот Италијански јазик и книжевност (сегашната Катедра по италијанистика). Автор на романите „Куфер за тројца“ (Или Или, 2014), „Последното име на иднината“ (Антолог, 2018), „Писмо за Глорија“ (Или Или, 2022), збирките раскази и кратка проза: „Приказни за тревите и други приказни“ (Антолог, 2011), „Отпечатоци врз коцки мраз“ (Темплум, 2009, 2016), „50 раскази - избор од 10 збирки раскази“ (под псевдонимот Жил Менар, Бегемот, 2019) и „Пет приказни од целиот свет“ (книга за деца, Чудна Шума, 2019). Беше кандидат за Претседател на ДПМ и во 2020.
2.
БЛАЖЕ МИНЕВСКИ - роден 1961 год. во Гевгелија, е македонски раскажувач, романсиер и драматург. Дипломирал на интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет - Скопје. Како новинар работел во повеќе весници и списанија.
Миневски е добитник на високи новинарски признанија: наградата „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија (двапати) и двапати прва награда за репортажа на „Нова Македонија“. Исто така, тој е добитник на книжевните награди: „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Роман на годината“ и повеќе награди за расказ. Миневски е застапен во сите понови антологии на македонскиот расказ, а неговите дела се преведени на англиски, француски, српски, бугарски, шпански, турски и албански јазик. Врз основа на податоците од регистрираните позајмувања на книги во 26 јавни библиотеки во Македонија, Миневски бил најчитан писател во 2013 година. Автор на романите: „Црниот пердув“ (1990), „Балкан за деца“ (1996), „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ (1998), „Приказна за третиот“ (2003) „Нишан“ (2007, добитник на наградата „Роман на годината“ на Утрински весник), „Црна лисица“ (2012), збирките раскази „Солзи во очите на тате“ (1984), „Ниски вежби“ (1988), „Заседи за белиот сон“ (1992), „Ледно око“ (1996), „Сезона на глуварките“ (2001) како и многу драми, дел од кои објавени во збирката „Бивши луѓе“ (2000).
3.
МИРЧЕ НЕШОВСКИ - роден на 29 ноември 1951 година во Скопје. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работи во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ - Скопје. Автор на романите „Врховниот шеф на ѓаволот“ (2010), „Кабинетот на министерот Фауст“ (2012), „Experience“ (2009) и многу збирки поезија. Од тоа што видов на facebook, од пријавените кандидати најблизок до поранешниот претседател Христо Петрески.
4.
ГОЦЕ РИСТОВСКИ - роден е на 8 април 1958 година во Осиче, Крива Паланка, е македонски прозаист, драмски автор, литературен и театарски критичар, есеист, колумнист, аналитичар, литературен преведувач, универзитетски професор. Работел како новинар во Нова Македонија. Декан на Факултетот за театарски уметности на Меѓународниот универзитет Еуропа прима. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Сојузот на литературни преведувачи на Македонија, на Балканската мрежа за култура и културолошки студии, на Здружението на новинарите на Македонија, на Светската асоцијација на театарски критичари. Негови текстови, литературни и театарски прилози и критики и научни студии се објавувани во „Слободна Далмација”- Сплит, „Поља”- Загреб, „Спизалит”, „Разгледи”, „Магазин 21”,„Млад Борец” „Сцена”, „Театарски гласник” и на повеќе портaли во земјата и странство, а негови книги се продаваат на значајни интернет продавници и библиотеки во САД и Европа и се чуваат во еминетни светски библиотеки - Библиотеката во Стејт Департментот во САД, Националната библиотека на [[Франција, Националната библиотека на Полска,, Националната библиотека на Австралија, библиотеката на Универзитетот во Стенфорд и др. За него постојат бројни референци на Интернет, а негови текстови се пренесувани на многу портали и веб страници, преведувани и на англиски. Бил аналитичар во рамките на проектот на УСАИД за зајакнуивање на медиумите во Македонија, подготвувајќи критички анализи на дискурсот. Автор е на романите: „Се е гола вода, мој Ѓорѓија“ (2010), „Врамување во пустелија“ (2012), „Претстава“ (2016), многу монографии, проза, есеи, драми, зборници, сценарија за 5 документарни филмови, преводи од бугарски и српски јазик.
____________________________________________________________________________________
За претседатели на Собранието на ДПМ, пак, кандидатури имаат поднесено:
1.
ИВАН АНТОНОВСКИ - роден 1990, Скопје, е поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист. Дипломирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, како првенец на генерацијата. Автор е на неколку поетски книги, како и на едно прозно дело. Застапен е во повеќе домашни и меѓународни поетски антологии и зборници, а делови од неговото поетско творештво се препеани и публикувани и на неколку странски јазици. Автор е на десетина книжевни преводи, како и на поголем број студии од областа на книжевната историја и херменевтика, како и од областа на културологијата. Поголем број негови студии се објавени во зборници и во периодиката во земјава и во странство. Негови дела се и книгата со студии и есеи за книжевната теорија и за македонската книжевност „(Не)отворени прашања“ (2014) и збирката есеи и колумни „Острење од тапоста“ (2015). Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012 – во Република Македонија и 2014 – во Република Чешка, на чешки јазик) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014). Бил колумнист, уредник и надворешен соработник на неколку македонски електронски и печатени медиуми. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.
2.
СТЕФАН МАРКОВСКИ - роден во Гевгелија, 1 декември 1990, е македонски писател, поет, сценарист... Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“, како и на Институтот за Филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал Филмско и ТВ сценарио на Факултетот за Драмски Уметности. За романот „Еднонасочно“ во 2009-та ја добил наградата „Петре М. Андреевски“ за роман на републичко ниво од Фондацијата „Рамковски“. Ја добил и наградата „Празник на липите“ од Друштвото на писателите на Македонија во 2022 година за најдобра песна напишана по повод истоимената манифестација. Добитник е и на неколку домашни и странски награди за есеи, филмско сценарио, како и на книжевни резиденции. Марковски е главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и е член на редакцијата на ревијата „Стожер“ во издание на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на романите „Еднонасочно“ (2009); „Еретички писма или наоѓајќи ги небата што сјаат црвено“ (2018); „Анатомија на бумбарот“ (2021), збирките раскази: „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (2015); „Смртта долетува насмевната“, (2017), „Фауст го трча плебејскиот круг“ (2020), неколку збирки поезија, психолошки и филозофски дела, една драма, и др.