Светската здравствена организација и Агенцијата за борба против СИДА при Обединетите нации, ги поддржале неодамнешните истражувања, според кои отстранувањето на кожата од врвот на машкиот полов орган може да го намали ризикот за половина, од заразување со вирусот ХИВ, при сексуален однос со инфицирани жени.
Тие препорачуваат земјите со висока стапка на заразени хетеросексуалци да го направат овој зафат достапен за сите кои се заинтересирани, при што, предност би требало да имаат помладите, сексуално поактивни мажи, но, истовремено и да ја поттикнуваат употребата на кондомите и редовното тестирање.
„Овие препораки се голем чекор напред кон превенција од заразување со ХИВ”, рече Кевин де Кок, директор на програмата за СИДА при Светската здравствена организација.
Од 40 милиони луѓе во светот заразени со ХИВ, 25 милиони живеат во Африка, каде што вирусот најчесто се шири преку сексуални односи помеѓу хетеросексуални партнери.
Светската здравствена организација и Агенцијата за борба против СИДА-та , тврдат дека со обрежувањето би можело во наредните 20 години да се сопре заразувањето на 5,7 милиони машки лица од ова подрачје и да се спаси животот на најмалку три милиони луѓе.
Во светот, 30% од машката популација се обрежани.
Помеѓу евреите и муслиманите, таа постапка се изведува од религиски причини, а во други заедници поради хигиена, и тоа најчесто се прави во првите месеци од животот.