Руски тренери ќе создаваат нов Овечкин од македонските хокеари
Руските експерти што работеле и со мегаѕвездата од НХЛ Александер Овечкин идните две години ќе ги учат на „бебешки чекори“ нашите новопечени репрезентативци во хокеј на мраз
Руските хокеарски тренери Ајгинин (лево) и Сасин и тренерот во уметничко лизгање, Украинецот Данилченко
Новоформираната македонска репрезентација во хокеј на мраз ќе добие голема помош од искусни руски тренери, кои се во Македонија веќе неколку дена, а се очекува да почнат да работат кога ќе биде готово лизгалиштето до салата „Борис Трајковски“, најдоцна до 10 март.
Алексеј Сасин и Андреј Ајгинин ќе имаат задача да им ги пренесат на македонските хокеари своето богато искуство и знаење и да и помогнат на македонската репрезентација да тргне по патот кон добри резултати.
- Засега имаме договор на две години, доколку оствариме успех и раководството биде задоволно од нашата работа, можно е да продолжиме да работиме тука - вели Сасин.
За почеток, ќе треба да ги подготват хокеарите за првиот Државен шампионат на Македонија во хокеј на мраз, кој треба да се одржи во март и е предуслов за настап на македонската репрезентација на меѓународната сцена. Државното првенство мора да биде одржано во следните две години за да може Македонија да пријави своја репрезентација на Светското првенство во трета дивизија.
- Кога добив покана да работам во Македонија, ја прифатив како голема чест за мене, да учествувам во таков сериозен проект за развојот на хокејот во Македонија - се надоврза Ајгинин.
Во план е соработка и со руската хокеарска федерација, која секако ќе биде од голема корист за хокејот во Македонија.
- Веќе почнавме таква соработка, јас добив покана од Хокеарската федерација на Русија, да помогнам да се развива хокејот во Македонија - додаде Сасин.
Тој и Ајгинин имаат богати биографии, а најмногу успех имаат остварено во работата на младите категории во Русија, како на клупски така и на репрезентативен план. Сасин по почетоците во Локомотив Москва, каде што има настапувано за младиот тим, има богата тренерска кариера долга 13 години. Од 2003 година работи во Хокеарската федерација на Русија на различни функции, а како раководител на руската селекција до 18 години има освоено сребрен медал на Светско првенство во 2009 година. Ајгинин по завршувањето на играчката кариера во рускиот хокеарски клуб Крилја Советов, прерано поради повреда, има работено како тренер во истата екипа, како и во Спартак Москва.
- Има многу врвни играчи што сум ги тренирал. Имам работено со неколку хокеари што годинава го освоија златниот медал на Светското првенство за играчи до 20 години. Нивните имиња сé уште не се познати, но еден од нив веќе игра во најдобрата лига во светот, НХЛ, во екипата на Атланта. Тоа е 19-годишниот Александер Бурмистров. Евгениј Кузњецов, кој има 19 години ќе биде идна ѕвезда, но сé уште не е подготвен да се пресели во Америка - вели Сасин.
Ајгинин, пак, има работено со еден од најдобрите светски хокеари во моментов, Александер Овечкин, кој е четирикратен олстар-играч во НХЛ и двапати беше МВП на првенството (2008 и 2009 година).
- Доволно е да наведам едно име со кое имам соработувано, а тоа е Александер Овечкин. Со овој екстра-талент работев во селекцијата на Москва пред да замине во НХЛ - кратко вели Ајгинин.
Тренерите по нашиот разговор требаше да присуствуваат на тренинг на македонските хокеари и да се запознаат со квалитетите на играчите.
- Сé уште не сме запознаени со македонските играчи. Сé ќе зависи од нивната желба, карактер и физичка подготвеност - вели Сасин.
Македонецот Стамкос е ѕвезда
Како не знаеме кој е Стивен Стамкос, тој е ѕвезда во светски рамки, вели Сасин за Канаѓанецот со македонско потекло, кој е една од најголемите ѕвезди во НХЛ. Стамкос (21) две години по ред е најдобар голгетер во лигата.
- Имаме играно против него со младинските селекции на Русија и за мене претставува големо изненадување дека Стамкос е Македонец - додава Сасин.
Помош и за уметничкото лизгање
Во Македонија се наоѓа и Виталиј Данилченко, тренер по уметничко лизгање од Украина, кој е петкратен шампион на неговата земја, а има настапувано и на европски и на светски првенства. Тој ќе работи со младите што ќе имаат желба да се занимаваат со уметничко лизгање.
- Јас ќе се обидам да сторам нешто. Бидејќи почнуваме од нула, се разбира дека сега не можеме да зборуваме за резултати, тие ќе дојдат за извесен период. За добри резултати треба да помине подолго време, а сé ќе зависи од талентот на децата, опремата и поддршката што ќе ја има уметничкото лизгање во Македонија - вели Данилченко.