„Српски филм“, хорор во американски стил
„Шокантен, контроверзен, застрашувачки“, се само некои од епитетите што ги доби дебитантскиот филм на Спасојевиќ, во кој глумат докажаните Срѓан Тодоровиќ и Сергеј Трифуновиќ
Српскиот хорор филм на Срѓан Спасојевиќ „Српски филм“ вчера беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал SXSW во американскиот град Остин, и успеа да ја шокира публиката. Според критичарите „oвој филм ги поместил границите на прикажување ужас“.
Главниот карактер во филмот, Милош (Срѓан Тодоровиќ), е поранешна порно ѕвезда, живее со семејството во Белград и едвај составува крај со крај за да опстанат. Тој ќе добие понуда од моќниот продуцент Вукмир (Сергеј Трифуновиќ) да сними за него порно филм за кој ќе добие огромен хонорар, со што ќе може да си ја обезбеди иднината на себе, жена му и детето. Единствен услов пред да прифати да снима е да не го прочита сценариото.
„Српски филм“ е целосно приватно финансиран и сниман е во дигитална технологија.
Елементите на порнографија и страшните сцени со многу насилство ја оставија американската публика без здив.
„Имам гледано многу психо-филмови. Имам гледано дури и еден во кој глушец излегува од женски полов орган. Но, никогаш не сум видел нешто како што е „Српски филм“. Тоа е хорор каков што веќе никогаш нема да прикажат во американските кина, каков што ќе немате прилика веќе да видите“, е дел од коментарите на американските филмски форуми.