МЗТ ангажира Американец
Покрај домашните кандидати Стефанов и Стојановски, ангажиран е и првиот странец - Дејвис од Универзитетот „Оклахома“
Крилото на Универзитетот „Оклахома“, Кејд Дејвис (196 см), е првото американско засилување за кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром. Во минатата сезона Дејвис имаше просек од 14,2 поени и 5 скока на меч, со што беше прв стрелец и скокач во својот тим. Според информациите, станува збор за играч кој умее да погоди тројка, а солиден е од линијата за слободни фрлања и во одбраната. На четирите меча во НЦАА-лигата во март (популарното мартовско лудило кога тимовите се борат за пласман на фајналфорот) тој секогаш даваше 17 или повеќе поени (беа елиминирани од Тексас). Кога беше во својата втора колеџ-сезона, соиграч во Оклахома му беше НБА-ѕвездата Блејк Грифин.
- Во принцип сите Американци за кои сме заинтересирани сум ги гледал како играат. Нема да носиме играчи по менаџерски препораки и со гледање касети. Дејвис го имам гледано во живо, добар играч е. Мислам дека многу може да ни помогне, кога бев во САД во март тој одигра добри мечеви, игрите му беа над просекот - вели тренерот на „штрковите“, Александар Тодоров.
Во МЗТ најавуваат дека преговараат со уште еден странец кој игра на позицијата центар, а Тодоров во живо се има уверено и во неговите квалитети.
- Ќе купуваме странски играчи на позициите на кои мислиме дека ни фалат домашни кошаркари. Во моментов процената е дека кај нас нема играч како Дејвис, а истото важи и за центарската позиција - додава Тодоров.
Дресот на МЗТ во следната сезона сигурно ќе го носат новаците Ристе Стефанов, Огнен Стојановски и староседелците Тони Грнчаров, Игор Пенов и Ѓорѓи Кочов.
- Одбраната ќе ни биде на прво место, двајцата нови играчи и тројцата што останаа сите ја имаат таа карактеристика на добри дефанзивци. Сакам тип кошарка што ја играше Рилски спортист додека го водев во претходните три сезони, значи ќе трчаме по целиот терен - заклучува стратегот на тимот од „Јане Сандански“.