МЗТ ги враќа Пејановиќ и Нишавиќ?
„Металците успеаја да ги ангажираат уште и Георгиевски и Димковски од Амак-СП и Трајковски од Плејмејкер
Кошаркарскиот прволигаш МЗТ Скопје во следниот период најверојатно ќе настапува засилен откако стана реално враќањето на двајцата српски интернационалци Милош Пејановиќ и Милош Нишавиќ, кои беа меѓу најдобрите во тимот во првите осум кола од првенството, до кога траеше нивната договорна обврска. Двајцата кошаркари во меѓувреме не успеале да најдат подобри средини, по што управата на „металците“ почна да прави напори да дојде до нив договор со нив особено откако се виде дека без Нишавиќ и Пејановиќ тешко дека ќе може да се дојде до избегнување на борбата за дното од табелата.
- Се надеваме дека ќе успееме да најдеме заеднички јазик со Нишавиќ и со Пејановиќ и дека тие ќе се вратат во Скопје. Има реални шанси да се случи тоа - велат во МЗТ.
Додека се очекува конечниот одговор од двајцата српски интернационалци, управата на тимот од „Јане Сандански“ веќе успеа да ангажира тројца нови играчи, кои добро ќе му дојдат на сегашниот „крпен“ тим на МЗТ. Договорено е ангажирањето на поранешниот јуниорски репрезентативец Владимир Георгиевски и на Дарко Димковски од редовите на Амак-СП, кој беше исклучен од Првата лига, како и на искусниот плејмејкер Игор Трајковски, кој ја прекина соработката со екипата на Плејмејкер.
- Правиме сé за да дојдеме до колку-толку поквалитетен тим, со кој би се обиделе да ја избегнеме борбата за опстанок во лигата. Ангажиравме играчи што веднаш ќе може да помогнат и да му дадат поголеми опции во играта на тренерот Анте Дуковски. Тешко е, но ќе се обидеме да го одржиме МЗТ во живот - дополнуваат во „Јане Сандански“.