„Металците” ископаа златни бодови
Кошаркарите на МЗТ Скопје дојдоа до многу важни бодови што ги оставаат во трка за плејофот, со победата во Кавадарци од 76-74 против Фени Индустри, во последниот меч од 7. коло во Космофон суперлигата. За МЗТ ова беше прв суперлигашки натпревар надвор од Скопје, а Фени И. дефинитивно се прости од 4. место, кое носи разигрување за титулата.
По рамноправните први 10 минути, во втората четвртина кавадарчани покажаа зошто имаат најдобра одбрана на Лигата - му дозволија на противникот да постигне само 4 поени и на полувреме да замина со плус 10. Кога сите очекуваа во вториот дел Фени да го дотолчи противникот, домашните повторно ја разиграа онаа „демоде” кошарка и со долги напади слично како во фудбалот едноставно го чуваа резултатот. Потпомогнати со чудните одлуки на судиите, „металците” во последните 10 минути влегоа со негатива од 7 поени. Меѓутоа, три минути пред крајот тие имаа плус седум. Во последните 10 минути судиите не досудија речиси ниту еден прекршок за Фени, дозволувајќи му на противникот да игра цврсто, грубо и неспортски. На 12 секунди пред крајот, при 74-72 за МЗТ, Мирослав Деспотовиќ од МЗТ промаши две слободни. Во последниот напад, кавадарчани, наместо да поентираат за сигурни два поена и да обезбедат продолжение, слично како и на првиот меѓусебен дуел во „Јане Сандански”, се обидоа со три поени да дојдат до победата. Доминиканецот Мексвејн промаши и бодовите отпатуваа за Скопје.
Табела: Струмица 42 бода, Ф. Работнички 40, Вардар О. 37, С. Пелистер и МЗТ по 36, Фени 31. Идно коло (утре): Струмица - МЗТ, С. Пелистер - Вардар О. и Ф. Работнички - Фени И.
ФЕНИ И. - МЗТ СКОПЈЕ 74-76
Сала „Јасмин” во Кавадарци. Гледачи 1.300. Судии: Милојевиќ, Митровски и Сарџовски. По четвртини: 16-22, 20-4, 24-27, 14-23.
Фени И.: Оканти, Сапунџиев, Баснарков, Мексвејн 21, Даскаловски, Вегов 5, Пауновиќ 12, Јулин 17, Ангелевски, Неделков 6, Михајловски 13, Ристов. Тренер: Емил Рајковиќ.
МЗТ: Јаневски 4, Петровски 26, Миленковиќ 4, Караколев 11, Гаштарски, Деспотовиќ 4, Штерјов 4, Христов 8, Талевски 15, Николовски. Тренер: Александар Петровиќ.
:zlo: