МЗТ Скопје е пред целосно згаснување?
Ова се сигурно најтешките моменти во досегашната историја на клубот. Едноставно, не гледаме излез од оваа криза. Пари нема, фирмите на кои им понудивме соработка сé уште молчат, велатво клубот
Додека кошаркарската јавност се занимава со проблемите во актуелниот шампион Работнички, кој неочекувано остана без спонзорот „Фершпед“, на спротивната страна од престолнината се случува тивко умирање на вториот кошаркарски гигант - МЗТ Скопје.
„Металците“ во моментов „дишат на апарати“ односно се во фаза на згаснување, бидејќи оние што останаа во клубот ниту од далеку не можат да обезбедат барем минимален буџет за следната сезона. МЗТ нема ниту еден кошаркар под договор, барем од оние што го понесоа товарот во минатото првенство. Договорна обврска имаат само неколку младинци, кои ниту од далеку немаат квалитет за настап во елитната кошаркарска конкуренција.
- Ова се сигурно најтешките моменти во досегашната историја на клубот. Едноставно, не гледаме излез од оваа криза. Пари нема, фирмите на кои им понудивме соработка сé уште молчат и навистина ќе биде тешко да се обезбеди барем најминимален буџет за натпреварување. Веќе извесен период сме во преговори со една реномирана компанија (од сферата на осигурувањето - н.з.), која најави дека би прифатила соработка со МЗТ. Се надеваме дека нивниот одговор ќе дојде набргу. Во спротивно, навистина не знаеме како да го спречиме згаснувањето на клубот - велат во тимот од скопската населба Аеродром.
За тоа дека ситуацијата во МЗТ е веќе драматична покажува и фактот што по речиси 30-годишно стопанисување, кошаркарскиот клуб во следните денови и официјално ќе ја загуби концесијата врз салата „Јане Сандански“. Од таборот на „металците“ информираат дека повеќе не се способни да се грижат за овој спортски објект и дека веќе постигнале начелен договор со општината Аеродром за префрлање на ингеренциите. Отсега локалната самоуправа ќе биде таа што ќе стопанисува со „Јане Сандански“, а сите заинтересирани спортски клубови ќе ја користат според ценовник што дополнително ќе биде утврден.
МЗТ, како долгогодишен домаќин, ќе има своевидна привилегија, барем во периодот до кога му трае сегашниот договор за концесија, кој трае до 2017 година, а од кој наскоро и официјално ќе се откажат.
- Навистина повеќе не сме во можност да се грижиме за салата, која бара пари за одржување покрај не така малата кирија што ја плаќаме за нејзино користење. Поради тоа се договоривме општината да го добие владението врз „Јане Сандански“, додека МЗТ, секако ако продолжи да постои, да добие бесплатни термини за тренинг како и да ја задржи канцеларијата, која се наоѓа внатре во салата. Нашите услови се прифатени и во следниот период очекуваме официјализација на овој договор - потврдуваат во таборот на „металците“.
Салата „Јане Сандански“ е своевиден кошаркарски храм, кој своите најдобри денови ги имаше кон средината на деведесеттите години од минатиот век, кога пред речиси двојно повеќе гледачи од предвидениот капацитет пред МЗТ падна и големиот Реал Мадрид. Сега овој објект е целосно запуштен. Поради долгови е оставен без струја, вода и парно, а со тоа без елементарни услови за негово користење.
Управата на МЗТ последниве години се снаоѓаше со користење агрегат за струја, барем за да се има електрична енергија и топла вода додека тренираат кошаркарите на овој тим. Неодамна, неофицијално, од салата е изнесен и овој агрегат, кој беше сопственост на човек од управата на клубот, што е уште една потврда за блискиот крај на еден од најуспешните кошаркарски колективи во Македонија.
Четирикратен куп-победник, ниту еднаш шампион
МЗТ Скопје е формиран во 1966 година, а во периодот пред осамостојувањето на Македонија, неколку сезони сосема успешно настапуваше во најсилната лига на поранешна СФР Југославија. По прогласувањето на самостојноста, „металците“ веднаш станаа еден од најрелевантните фактори во македонската кошарка. Тие досега имаат четири победи во Купот на Македонија (1996, 1997, 1999 и 2000 година), но ниту еден триумф во домашниот шампионат.