Славиша Стојановиќ е стручњакот што ќе ја води Црвена звезда во новата натпреварувачка сезона, откако „црвено-белите“ ги договорија сите услови од соработката со поранешниот селектор на Словенија. Португалецот Са Пинто минатата седмица си замина од „Маракана“, по што се појавија безброј шпекулации околу името на неговиот наследник на клупата на српскиот гигант. На крајот, изборот на управата падна токму врз 43-годишниот Стојановиќ, кој ќе се соочи со предизвикот да го симне Партизан од тронот на српскиот фудбал.
Славиша Стојановиќ е роден во Србија, но целата своја играчка и поголемиот дел од тренерската кариера ги мина во Словенија. Како дефанзивец тој ја почна кариерата во дресот на Слована од Љубљана, а потоа настапуваше и за Љубљана, Целје и Вевче. Тој стана тренер уште на 29-годишна возраст и веднаш стигна до трофеи со младинските екипи на Слован. Стојановиќ потоа се сели во сениорскиот фудбал, најпрвин како шеф на стручниот штаб на второлигашот Ливар, за во 2002 година да го преземе Домжале, тим со кој стигна до две шампионски титули во словенечкиот шамионат.
Тој три пати е прогласуван за тренер на годината во Словенија (2005, 2006 и 2007 година), што беше причина во октомври 2011 да му биде понудено да го наследи Матјаж Кек на селекторската функција во оваа земја. Стојановиќ го прифати предизвикот, но по серијата слаби резултати спогодбено го раскина договорот во декември 2012 година.