Трансферната сага околу Мехди Бенатиа, мароканскиот дефанзивец од редовите на Рома, и понатаму продолжува. Иако италијанските медиуми најавија дека тој е на пат кон „Олд трафорд“ каде треба да го официјализира трансферот во Манчестер јунајтед, во приказната сериозно се уфрли германскиот првак Баерн Минхен. Баварците бараат замена за повредениот Хави Мартинез, кој долго ќе отсуствува од фудбалските терени, а прв пик е токму Бенатиа. Поради тоа техничкиот директор на клубот, Михаел Решке, отпатува за Рим, на преговори за купување на Мароканецот.
„Искрено, раководните луѓе се позагрижени од мене. Јасно е дека ќе ни недостига Хави Мартинез и би сакале да добиеме негова замена. Потребен ни е брз и робусен дефанзивец, кој игра одлично со глава и не е многу скап“, изјави тренерот на Баерн Минхен, Пеп Гвардиола.
Мехди Бенатиа ги има сите карактеристики што ги бара Гвардиола, но не го исполнува последниот услов. Тој е навистина многу скап. Рома за него бараше 40 милиони евра, а италијанските медиуми вчера информираа дека Манчестер јунајтед е многу блиску до заокружување на трансферот за сума од 30 милиони евра. Дали Баерн Минхен ќе понуди повеќе и ќе го одвлече Мароканецот на „Алијанц арена“?!.