Милан се гледа веќе на "Вембли"
Алегри откри дека бил пријатно изненаден од неочекувното купување на бразилскиот интернационалец од Манчестер Сити, Робињо
Откако се свести и сфати дека го има на располагање можеби најсилниот тим во Италија и Европа, новиот предводник на Милан, Масимилијано Алегри, собра и храброст да изјави дека неговиот тим ќе игра во финалниот натпревар од Лигата на шампиони.
- Ќе имаме напорна и тешка сезона. Сепак, мора да посветиме екстра внимание на натпреварите кои ќе ги играме во Европа. Мора да стигнеме до самиот крај. Мора да бидеме дел од финалниот натпревар од Лигата на шампиони на "Вембли", изјави Алегри.
Поранешниот тренер на Калјари откри дека бил пријатно изненаден од неочекувното купување на бразилскиот интернационалец од Манчестер Сити, Робињо.
- Искрено не очекував да ги осигураме услугите на Робињо. Пријатно се изненадив од овој трансфер. Голем фудбалер од светски калибар. Сите зборуваме за прекрасниот подарок од нашиот претседател. Уште еднаш сакам јавно да му се заблагодарам на Берлускони. Исто така, презадоволен сум од купувањето на Ибрахимовиќ, изјави Алегри.
На крајот предводникот на "росонерите" призна дека му е малку криво поради заминувањето на Марко Бориело.
- Болно беше заминувањето на Бориело. Моравме да ја прифатиме неговата одлука за заминување во Рома. Како да се исплаши од големата конкуренција, изјави Алегри.