Шева ќе потпише за Челзи
СПОРЕД МЕДИУМИТЕ НЕГОВИОТ ДОГОВОР ЌЕ БИДЕ ДО 2010 И ЌЕ ДОБИВА ПО 9 МИЛИНИ ЕВРА ГОДИШНА ПЛАТА
Екипите на Челзи и Милан веќе го договорија трансферот на напаѓачот на "росонерите" Андреј Шевченко, објави барцелонскиот "Спорт". Според весникот Украинецот ќе потпише четиригодишен договор со англискиот првак и ќе добива по 9 милиони евра годишна плата. Во овој трансфер е вклучена и преселбата на францускиот дефанзивец Вилијам Галас во Милан, кој се обидува да извлече повеќе од 40 милиони евра за Шева. Во "Спорт" тврдат дека Берлускони инсистира на 50 милиони евра, а зделката треба да биде финализирана секој час. Шевченко, кој во вторникот беше во Москва на промоционална кампања, вчера попладне требаше да се изјасни за својата иднина по средбата со вицепретседателот на клубот Адриано Галиани. Украинскиот репрезентативец претходно изјави дека ако го напушти Милан, тоа ќе го стори само од семејни причини. Досега "росонерите" по секоја цена сакаа да го задржат 29-годишниот фудбалер, а нивната најнова понуда е нов договоро до 2011 и 115.000 фунти неделна плата. Шевченко за рускиот печат изјави дека за неколку дена ќе почне со тренинзите. Напаѓачот се уште чувствува болки во левото колено, по повредата на првенствената средба со Рома од последното коло на Серија А. "Заздравувам многу подобро од очекувањата, но не сакам да брзам, за да не дојде до некој гаф", изјави Шевченко, кој сам го замолил селекторот Олег Блохин да игра на контролниот натпревар со Костарика на 28 мај.