Напаѓачот на Милан, Андреј Шевченко, одново е поврзан со трансфер во англискиот шампион Челзи. Причина за тоа е најновиот скандал меѓу фудбалерот и тренерот на "росонерите" Карло Анчелоти. Украинскиот голгетер беше заменет во вториот дел на средбата против Ливорно и реагираше остро кон одлуката на својот тренер. Во медиумите на Апенините одново се споменува за скандалот, кој се јави меѓу двајцата пред неколку месеци, кога дури се тврдеше дека Анчелоти го удрил напаѓачот. Од Милан побрзаа да го демантираат инцидентот. "Не сакам луѓето да зборуваат од мое име за нешто што не сум го рекол. Особено што се однесува до Карло Анчелоти, кого многу го ценам и со кого работам одлично. Се разбира, јас можам да си правам претпоставки, но тоа останува за мене. Бев малку лут од тоа што не успеав да постигна гол и затоа реагирав така, кога бев заменет. Ништо не си кажавме со Анчелоти по натпреварот, затоа не е неоходно да објаснуваме било што", коментира Шевченко, за кого Челзи е готов да плати неверојатна сума од 74 милиони евра. "Спокојно, тој останува меѓу нас. Навивачите можат да имаат доверба во мене", изјави за медиумите во Италија по повод скандалот вицепретседателот на Милан, Адриано Галиани.