Анализа за сезона 2009/10: Манчестер Јунајтед
Бранителот на трофејот од ланската сезона Манчестер Јунајтед со доста изменет состав ќе стартува оваа сезона. Ќе го нема носителот на играта во последните три сезони Кристијано Роналдо. Заради него “црвените ѓаволи“ направија хет-трик во Англија и најпосле се израмнија на врвот според бројот на трофеите со Ливерпул.
Сепак сумата која ја заработија е највеќе што досега некој клуб ја заработил во историјата на фудбалот. Неверојатни 94 милиони евра.
Лошото е што освен Португалецот составот го напушти и Карлос Тевез, уште еден играч кој беше доста важен во играта на сер Алекс.
“Стариот лисец“ се обиде да донесе вистинска ѕвезда како замена за најдобриот фудбалер во светот, но некако не му успеваше. Го изгуби и Бензема во кој ги вложи сите надежи, не успеа со Рибери, Агуеро и Давид Виља и повлече доста очајнички потези со ангажманите на Мајкл Овен и Антонио Валенсија.
Но не треба да ве залажува сето ова, Ферги одсекогаш имал скриен адут во својот џеб. Ништо чудно оваа сезона Мајкл Овен да се врати на старите патеки. Отсекогаш знаел да постигнува голови, но повредите го спречија да биде она што требаше да биде. Тука уште многу има да покаже и Бугаринот Бербатов, кој лани беше доста тивок.
Доста млад потенцијал седи на клупата. Тука е младиот крилен играч Зоран Тошиќ кој добиваше доста шанса на подготвителните натпревари и одигра доста добро на турнејата во Азија. Тука се и новите заилувања Валенсија и Обертан, како и младиот Италијанец Македа.
Сепак едно е сигурно Јунајтед е послаб од она што беше во претходните години. И ако Ферги не го уигра составот и ако не најде лидер во тимот титулата може да му избега оваа сезона.
Досега дојдоа: Мајкл Овен (слободен играч), Антонио Валенсија (Виган за £16m), Габриел Обертан (Бордо за ???) и Маме Диуф (Молде за ???)
Од тимот заминаа: Кристијано Роналдо (Реал Мадрид за £80m), Фрејзер Кемпбел (Сандерленд за £3.5m), Манучо(Ваљадолид за ???), Ричард Екерсејли (Барнли за ???). Позајмени се: Посебон (Брага) и Диуф (Молде).
Што значи дека најдобриот состав на Ферги би изгледал отприлиика вака: GK: Едвин ван дер Сар, DL: Патрис Евра, DC: Немања Видиќ, DC: Рио Фердинанд, DR: Вес Браун(Рафаел), MC: Мајкл Керик (Сколс), MC:Андерсон (Дарен Флечер) MR: Парк(Нани) ML: Антонио Валенсија (Рајан Гигс), FC: Вејн Руни FC: Мајкл Овен (Бербатов)
Гледајќи вака најголемиот проблем Ферги го има токму во средината. Тука несомнено фали некој креативец. Немањето на некој особено добар играч во средината на теренот повторно ќе го натера Ферги да ротира како ланската сезона. Тогаш на секој нареден натпревар не беше ист составот во средината на теренот.
Лошото е што Сколс и Гигс веќе се пред пензионирање, а немаат адекватни замени и затоа и е приморан да ротира. Лани некреативната средина ја вадеа пробивите на Роналдо, Руни и Тевез, но годинава ќе мора да се оди со друга стратегија.
Се се тоа тркачи и се вклопуваат во пресинг стратегијата на Фергусон. Седум, осум во дефанзива и само двајца- напред. Затоа и Јунајтед прима толку малку голови.
Треба некој креативец. Некој кој ќе знае да повлече да даде пас во празно. Се шпекулира доаѓање на Давид Силва кој би можел да биде тој играч, кој би му ги решил овие проблеми. Не би бил лош и Рибери, но тоа е тешко остварливо.
Исто одлично решение би бил некој одличен офанзивен десен бек преку кој би можеле да се отвараат нападите и од десната страна. Од левата Евра е одличен, од десната би можеле да инвестираат во Маикон кој и сам изрази желба за промена на средината.
Јунајтед повторно ќе бидат главни конкуренти за титулата, но не поради составот, туку поради цврстината и искуството како на тимот така и на Фергусон. Оваа сезона ако не направат некои офанзивни промени ќе биде мачење да се гледаат. Тоа ќе биде игра на сила, со многу трчање, но повеќе ќе личи на рагби отколку на фудбал. Би требало да ја поправат серијата победи едноподруго од 1:0 што ја имаа ланската сезона.
Тоа го прави Манчестер шампион, што знае да победува и кога незнае да игра. Има најдобра одбрана во светот и најдобар стратег во светот. Сега нема тројца напаѓачи има еден, но ништо чудно Ферги да направи магија и пак да постанат тројца.
Останува да видиме дали ќе станат најуспешната екипа на сите времиња во Англија.