Катастрофална игра против Виљареал во првото полувреме... они имаа 2-3 стопроцентни шанси на почетокот и лошата завршница на Нилмар е единственото нешто што не спаси. После тоа следеше единствената наша шанса во првото полувреме што ја искористи Зарате. До крајот на полувремето единствениот тим што играше беше Виљареал по што нормално беше да го израмнат резултатот по една нафрлена топка, при што цела наша одбрана беше заспана.
Во второто полувреме сосема друга приказна. Одличен потег на Балардини со внесувањето на Диаките наместо стариот и спор Дабо, ротации во формацијата и Виљареал речиси не можеа да мрднат. Тука почнаа дупешките од судијата кој не свиреше очигледни фаули за нас, а капакот беше акцијата во која прво не беше свирен фаулот над Фоџа на 17-18 метри од голот на Виљареал, а некоја секунда подоцна и не беше досуден чист пенал над Матузалем. Наместо тоа, Матузалем беше санкциониран за "симулирање" со жолт картон, втор за него и автоматски црвен. Дупката во средината беше пополнета со влегувањето на Маури наместо Круз, со што играта доби на брзина и Виљареал, иако играа со играч повеќе, беа притиснати на својата половина и имаа доста среќа, посебно кога Зарате ја погоди стативата. Балардини почувствува дека тоа е моментот кога треба да се нападне и го внесе Роки наместо Фоџа. Следеа уште неколку шанси по што конечно во 92та минута Роки ја донесе победата по одличната асистенција на Коларов.
Да сумираме. Катастрофално прво полувреме, но затоа во второто можевме да ја гледаме најдобрата партија на Лацио оваа сезона. Иако со играч помалку, се играше офанзивно и сите играчи го оставија срцето на теренот. Така треба да се бранат боите на овој клуб!