БАВАРСКИОТ ГИГАНТ БАРА ЗАМЕНА ЗА КАН
Баерн на преговори за Фреј
Раководството на Баерн Минхен почна преговори со Фиорентина за швајцарскиот репрезентативец Себастијан Фреј. Локалните медиуми тврдат дека челниците на најтрофејниот германски клуб сметаат дека единствено тој може адекватно да го замени 38-годишниот Оливер Кан, кој заздравува од повредата на лактот, а за крајот на оваа сезона најави крај на играчката кариера.
Фреј има договор со Фиорентина до 2011 година, а интерес за него има и од актуелниот европски првак Милан. Сепак, во мала предност е Баерн заради тоа што не е конкурент на "виолетовите" во Серија "А", но и бидејќи двата клуба имаат одлична соработка ако се знае дека последното лето токму од Фиорентина, Лука Тони го засили баварскиот клуб.
Во моментов, покрај Оливер Кан, Баерн Минхен на голманската позиција го има само 23-годишниот Михаел Ренсинг, кој е недоволно искусен, а раководството на клубот сака да се обезбеди за учеството во Лигата на шампионите идната сезона. Се претпоставува дека за Фреј, Фиорентина ќе бара околу 15 милиони евра, сума што е прифатлива за раководството на Баерн.