Остаувам во Арсенал до крај на кариерата
Капитенот на Арсенал, Тиери Анри, кој повеќе нема да игра оваа сезона, оцени дека повредите се неизбежен резултат на пренапорниот распоред од минатата сезона. Францускиот напаѓач ги повреди стомачните мускули и мускулите на препоните на натпреварот од Лигата на шампионите со ПСВ Ајндховен и објави дека нема повеќе да игра до лето. Оваа сезона Анри одигра многу малку натпревари со оглед што од почетокот на првенството не беше доволно физички подготвен, потоа доби ишијас, ја повреди тетивата, а потоа и стапалото.
"На некој начин, предвидов што ми се подготвува. Моето тело постојано беше под притисок и знаев што можам да очекувам. Последните повреди дури ми се и утеха затоа што знаеме дека не сме роботи, а овие повреди н$ потсетуваат на тоа. Сега ќе можам да заздравам и да се подготвам за следната сезона. Веќе неколку години не сум имал вистински одмор", изјави најдобриот фудбалер на Арсенал.
Во исто време, Анри ги утеши навивачите на "топчиите" дека нема намера да се пресели од Емирати и дека планира тука да ја заврши кариерата. Во интервју за англиските медиуми тој потврди дека не прима понуди од други клубови.
"Нема да го напуштам клубот никогаш. Сигурно останувам тука до крајот на кариерата", додаде Анри.
Французинот дојде во Арсенал во 1999 година од Јувентус и оттогаш одигра 254 натпревари за својот клуб на кои постигна 174 гола. Со лондонскиот тим тој има договор до 2010 година.
Имајќи предвид дека ќе паузира во следните три месеци, тоа значи дека Анри ќе ги пропушти претстојните три средби на француската репрезентација во квалификациите за Европското првенство во Австрија и Швајцарија.
"Не велам дека Франција нема да има проблеми бидејќи секогаш ги почитувам противниците, но можам да кажам дека не сум загрижен. Иако не играм јас, имаме солидна репрезентација која може да излезе на крај со секого", заврши напаѓачот.