МАКЕДОНЕЦОТ ОД ХЕРЕНВЕН СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ЛЕТНА ТРАНСФЕР БОМБА
Њукасл е првиот пик за Горан Попов
*Во листата на клубови со кои менаџерите на фудбалерот се во преговори се и екипите на Фулам, Волфсбург и Борусија Дортмунд
Во текот на минатата недела менаџерот на Горан Попов беше во Херенвен каде со управата на овој клуб стартува со преговорите околу продажбата на левиот бек во летниот преоден рок. Се подготвува трансфер "бомба" за нашиот репрезентативец кој се очекува да замине во голем клуб и во посилен шампионат. Од она што го дознавме барем засега пик број еден на фудбалерот и неговите менаџери е дресот на англискиот тим Њукасл. Заминувањето на Попов на "Сент Џејмс парк" во северот на Англија би бил одличен трансфер со оглед на тоа дека станува збор за голем клуб кој експресно се враќа во елитата на оваа земја. Популарните "страчки" веќе се во контакт со луѓето на македонскиот репрезентативец кој со своите игри во дресот на Херенвен докажа дека има квалитети и потенцијал за поголеми дострели. Попов е во рацете на познатиот менаџер Ален Аугустинчиќ, кој на својата листа на фудбалери го застапува и Един Џеко од Волфсбург. Тоа значи дека постојат огромни шанси Попов летово за замине во добра средина иако договор со Херенвен има на уште две години.
Покрај Њукасл на листата на клубови со кои се контактира се наоѓаат уште два тима од Англија и тоа Фулам и Бирмингем, но во опција е и заминување на Попов во Бундес-лигата. Доколку Попов оди во Германија тој е најблиску до дресот на Волфсбург иако во комбинација е и екипата на Борусија Дортмунд каде тренер е Јирген Клоп, човекот кој има одлично искусто со Аугустинчиќ по соработката со Новески од времето кога тренерот беше на клупата на Мајнц.
Левиот бек летово ќе инсистира да си замине од Херенвен затоа што клубот цела сезона беше во криза и се бореше за опстанок во лигата и покрај тоа што лани популарните "срциња" со Попов стигнаа до пехарот од Купот на Холандија и настапуваа во групите од Лигата на Европа. Секој преоден рок Херенвен ги продава своите најдобри фудбалери па така сега дојде и редот на Попов. Од балканците лани оваа екипа го продаде Даниел Прањиќ во Баерн Минхен, а пред тоа Миралем Сулејмани замина во Ајакс.
СЛИКА: Го надмина Хееренвен и Холандија - Горан Попов
Отштетата не паѓа - 4.000.000 евра!
Нема измени во цифрата која Херенвен ја бар за слободата на Горан Попов. Токму сумата која холанскиот тим ја бара за левиот бек била главната тема на разговорот помеѓу управат на клубот и менаџерот на фудбалерот/ Херенвен не отстапува од клаузулата која стои во договорот со Попов. За потписот на левиот бек ќе треба да се плати огромна сума од 4.000.000 евра. Според отштетата Попов би бил еден од најскапите дефанзивци кои се за продажба ова лето од Холандија. Во моментов најдобар играч на Херенвен е голгетерот Беренс, кој има понуда од Фиорентина и кој е проценет на 5.000.000 евра. Според развојот на настапите и приликите на фудбалскиот пазар цифрата од 2.000.000 евра е реална која би требало да се плати за услугите на македонскиот репрезентативец.
Извор: Македонски спорт