10. Wings (1927) - William A. Wellman, Harry d'Abbadie d'Arrast (1927)
Конечно успеав да го гледам ова! Да не беше предизвикот и којзнае дали некогаш ќе соберев сили - 2 и пол саати за нем филм ми се гледаше премногу. Но, за среќа, бев демантиран во крајност. Wings е епик со нереални пропорции! Се работи за воена драма, за двајца Американци: богатиот Дејвид Армстронг (Ричард Арлен) и припадник на средната класа, Џек Пауел (Чарлс Роџерс) кои се вљубени во истата жена. Но и покрај тоа, кога Првата светска војна зема замав, двајцата стануваат пилоти во американската авијација и формираат едно силно и навидум нераскинливо пријателство кое не може да биде уништено ни од ривалитетот. Филмот е направен со навистина реални и навистина восхитувачки ефекти (за кои зел и уште еден Оскар). Но и покрај сите пукања, експлозии, соборени авиони и срушени објекти, имало само два инциденти за време на снимањето на филмот: првиот во кој при пад на авион некој воен пилот скршил врат, а вториот во кој исто така воен пилот загинал, по што режисерот мислел дека американската војска ќе ја прекине продукцијата на филмот, но од воениот суд вината за инцидентот ја пронашле во пилотот кој загинал и филмот продолжил со снимање.
Инаку, овој филм е прв по многу нешта:
-првиот филм добитник на Оскар за најдобар филм (во тоа време се викала „најдобра продукција“)
-единствениот 100% нем филм добитник на Оскар за најдобар филм (до 2012 кога The Artist зеде Оскар, но тој не е 100% нем, на крајот има една реплика).
-првиот филм во кој има експлицитна голотија (и машка и женска)
-првиот филм во кој има de facto геј сцена (иако во приказната не е претставено така):
-прв филм во кој се снимени актерите во воздух (во авион)
-првата појава на Гери Купер во филм, иако само 2 минути, но ова било отскочна даска за него која потоа го фрла во височините на Холивуд
И уште во многу нешта пионерски. При снимањето на филмот американската армија учествувала со многу војска, пилоти и опрема. Веројатно затоа и покрај релативно малиот буџет кој го имал од само 2 милиони долари, на ефектите во филмот можат да позавидат и многу денешни филмови. Инаку, филмот долго време се сметал за изгубен, се додека пред само дваесетина години не била откриена копија во Филмскиот архив на Париз, Франција. Во 2012 бил реставриран од Парамаунт. За време на реставрацијата била вметната оригиналната музика од филмот која за разлика од лентите, постоела и не била изгубена. Но не сум сосема сигурен дали и звучните ефекти се вметнати за време на реставрацијата или постоеле и во оригиналот (зашто за време на филмот се слушаат пукања, чкрипења, експлозии). Доколку постоеле во оригиналот, кога во тоа време успеале да направат таква монтажа на звук и звучни ефекти, се прашувам зошто ова одлучиле да биде нем филм? Ќе бил далеку попопуларен и погледан доколку актерите зборувале, барем тоа е мое мислење. А постоеле звучни филмови и порано од него. Иако, при премиерата на филмот, не дека не бил гледан, прочитав некаде дека бил многу популарен и дека цели 6 месеци бил прикажуван низ кината во Америка, уште повеќе што американскиот народ бил восхитен од првиот трансатлантски лет во тоа време, па затоа оделе во кино за да ги гледаат летовите на авионите и да се восхитуваат на нив.
За разлика од филмот на Џонтра, за Wings може уште многу да се пишува! Wings е првиот од 12 филма кои освоиле Оскар за најдобар филм без да бидат номинирани во актерски категории. Другите се: All Quiet on the Western Front (1930), Grand Hotel (1932), An American in Paris (1951), The Greatest Show on Earth (1952), Around the World in 80 Days (1956), Gigi (1958), The Last Emperor (1987), Braveheart (1995), The Lord of the Rings: The Return of the King (2003), Slumdog Millionaire (2008), и Parasite (2019). Исто така, тоа еден од шесте филма освојувачи на Оскар за најдобар филм без да бидат номинирани за најдобра режија. Другите се: Grand Hotel (1932), Driving Miss Daisy (1989), Argo (2012), Green Book (2018) и CODA (2021). И еден од ретките филмови кои ги нарекувале епски кој освоил Оскар. Другите се: All Quiet on the Western Front (1930), Cimarron (1931), Cavalcade (1933), The Great Ziegfeld (1936), Gone With the Wind (1939), The Greatest Show on Earth (1952), Around the World in 80 Days (1956), Ben-Hur (1959), Lawrence of Arabia (1962), Gandhi (1982), Out of Africa (1985), The Last Emperor (1987), Braveheart (1995), The English Patient (1996), Titanic (1997), Gladiator (2000), и The Lord of the Rings: The Return of the King (2003).
Се на се, едно огромно изненадување за мене, филм во кој уживав, и на кој секако можам да најдам милион замерки ако го споредувам со денешните филмови. Но со оглед на тоа што е снимен пред 98 години, ова не можам да го оценам поинаку освен со чиста ко солза 10/10. Уживав во секој кадар!