58. Coherence - James Ward Byrkit (2013)
Наводно, во 1923 комета поминала над небото на Финска и предизвикала дезориентација и халуцинации кај луѓето. Некои од нив се изгубиле и никогаш не се вратиле дома, други доживеале привремено губење на меморијата... Една жена пријавила во полиција дека мажот кој бил во нејзината куќа не е нејзиниот маж. Тврдела дека таа го убила маж и претходниот ден (и покрај признанието полицијата не можела да направи ништо, зашто немало тело). Но полицијата потврдила дека човекот во нејзината куќа е навистина нејзиниот сопруг. Ова е само приказна на која почива филмот. Во реалноста, навистина имало голема комета, но во 1823, сто години пред тврдењето од филмот. И кометите не прелетуваат над држави. Во најмала рака барем четвртина од Земјата би можела да ја види кометата, а не само Финска. Но како и да е, ликовите во филмот ја раскажуваат оваа приказна како да е вистина за да се најде поткрепа за она што следува. А следува...
8 пријатели (4 пара) се собираат на вечера во домот на едни од нив една вечер додека на небото се појавува (повторно измислена) Милерова комета. Кометата предизвикува чудни ефекти врз техничките уреди: екраните на телефоните пукаат сами, снемува струја во цели населби, но предизвикува и необјасниви работи во умот на луѓето, па така во еден момент тие мислат дека повеќе паралелни универзуми се спојуваат во еден баш во таа точка на времето. Се до следното утро, кога изгледа дека се се враќа во нормала. Или не?
Јако филмче! Филмче кое ќе си поигра и со вашиот мозок додека се обидувате да сфатите што всушност се случува. Но колку побрзо сфатите дека не треба да се обидувате да го отплеткате клопчето, толку повеќе ќе уживате во филмот. Како и да е, за ова се потребни повеќе гледања за да дешифрирате се.
Препорака за сите кои сакаат научно-фантастични филмови од овој тип. Се надевам дека ќе ви се допадне.
8/10