Имам уште 10 стр. но сепак целта на книгата е постигната.
Историчарка од
Елизабет Костова.
Освен материјалите за правосудниот- прирачник од 1100 стр.и едно метро наредени закони вертикално, оваа ќе биде најдебелата книга што сум ја прочитал- 634 стр.
Со доза на фантазија и прекрасно, детално опишување на местата низ Источна Европа каде што патуваат ликовите од книгата, писателот на интересен, револуционерен начин ни ја пренесува приказната за Дракула (Набивачот) односно познатиот владетел на Влашко (Романија) Влад Тепеш.
Хелен и Пол, Тургут, Ранов, Стојчев, библиотекарот, Барли и девојчето, и останатите споредни ликови низ многубројните случувања од Словенија, преку Балканот (го споменува и Скопје) до Романија и Истанбул, трагаат по Влад Тепеш, односно низ преданија и записи, убиства и несреќи, се обидуваат да го пронајдат гробот на злогласниот владетел на Романија на Езерото Снагов и во Бугарија. На патот им се закануваат случки кои дел од нив успеваат да ги победат, а некои и загинуваат (Роси). Вампири, сеништа, овој пат без Холивудски сценарија како лук, крстови и пиштоли со сребрени куршуми, туку со историски факти кои го наведуваат читателот да научи за периодите од владеењето на Дракула до крајот на Турската Империја.
Кај книгава ми се допадна стилот на пишување, изразување, а особено историјата која да бидеме искрени, дел од нас воопшто нема ни да ја прочитаат, за тоа како владеел Влад Тепеш, за манастирот во Рила, историјата на Балканот во подробни, пошироки размери отколку што знаеме од општа култура.
Ја има во ТРИ, па кој не ја прочитал, му препорачувам да ја земе и да ужива во летото и во авантурите на историчарите и заедно со нив низ текстот да се обиде да го пронајде Дракула
.