Референдумот за припојувањето на скопското село Танушевци кон Косово ќе се одржи на 28 ноември, велат луѓе блиски до бившиот пратеник Џезаир Шаќири - Хоџа, кои инсистираат да останат анонимни.
Според нив досега се направени сите подготовки за одржување на референдумот. Самиот Шаќири не ги демантира овие инфомации.
„Извршени се сите потребни подготовки за реализирање на референдумот, а останато е само да се одреди датумот”, рекол Шаќири во својата изјава за Лајм.
28 ноември се разгледува како можен датум за оджување на референдумот во Танушевци бидејќи на овој датум во 1912 година е прогласена албанската независност во градот Валона од страна на Исмаил Кемајли.
Луѓето блиски на Џезаир Шаќири велат дека се разгледува и можноста референдумот да се одржи порано, а на 28 ноември да се организира „свечено” припојуваење на Танушевци со Косово.
Пред повеќе од еден месец Џезаир Шаќири ја објави идејата за одржување референдум во Танушевци, незадоволен од односот на државата кон жителите на ова скопско село.