Ова подолу е извадок од списанието
„ЕтноАнтропоЗум“:
„Во секој дервишки ред, односно тарикат,
постојат четири порти низ кои верникот треба да помине за конечно соединување со Реалноста. Овие четири порти се:
шеријат (закон),
тарикат (пат),
марифет (спознание) и
хакикат (Божествена реалност). За да се оствари тој духовен пат, мора да се почне од некаде и да се заврши некаде.
Почетниот стадиум е шеријатот, кој во себе содржи побожни и морални вредности, а конечната цел е хакикатот (апсолутната стварност). Она што е меѓу нив е патот, патека по која се минува, која претставува спојка на овие две составки на суфискиот живот (Џило 2010: 71).
Метафорички суфискиот пат често е опишан како орев, чија зелена обвивка го претставува шеријатот. Тврдата кора го претставува тарикатот. Јатката што се наоѓа внатре во кората е марифетот, а вкусот што е невидлив, но сепак присутен – хакикатот, т.е. Божјата реалност. Што значи, за да се стигне до Реалноста, мора прво да се скине оревот, потоа да се излупи, да се скрши и на крајот да се изеде.
Секоја порта ја сочинуваат одредени степени или фази, маками, како што се: одрекување, сиромаштво, воздржување, страдање, покајание, преобраќање,
трпеливост, кои преку духовно-воспитно-образовна активност треба да се поминат и да се стекнат одредени психолошки состојби наречени ахвал , како што се: задоволство, сигурност, блискост, љубов, спознание.
На тој начин се отстранува завесата што ја крие душата од Вистината, и конечно душата на верникот ќе стигне до Бог и ќе се соедини со Него.
Како плод на искуствата на бројни големи суфии, тарикатите се занимаваат токму со оваа практична реализација од различни модалитети на ритуали и
молитви, зикр, а крајната намера е човековиот дух да се ослободи од ропството, сладострасноста и маните и да се украси со доблести. Значи, редот – тарикатот – е повеќе „култивација на религиозното искуство“ или „пат на прочистување“ (Triming -ham 1971: 2).
Овие дервишки редови претставуваат систем заснован на релацијата учител и ученик, кои се изразуваат со арапските термини муршид (учител, водач) и
мурид (ученик, кандидат). Според тоа, редот е практичен метод за водење и обучување на ученикот од страна на шејхот, како водач што му ги трасира патот, мислите, чувствата и акциите и го води низ фази (маками) во интегрална поврзаност со психолошките искуства или состојби (ахвал) кон интуитивно спознание на Божествената реалност (хакикат) (Trimingham 1971: 3–4)“
-
Суфизам – Езотеричната интерпретација на исламот, Виктор Трајановски, Институт за етнологија и антропологија