Следејќи го судењето на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски во Хаг, и гледајќи како некои сили сакаат Македонија да ја издигнат на пиедесталот на вината, се потсетив на фактот дека во текот на обдукцијата на загинатите од Љуботен биле пронајдени повеќе зрна од автоматско оружје кои потоа биле анализирани од МВР, по што службите на „Кримтехника“ утврдиле дека едно од зрната потекнува од куршум со калибар на оружје кое го користат војниците на НАТО. По проверката било констатирано дека ни случајно такво оружје немале луѓето од единицата на Јохан Тарчуловски, па одговорот на прашањето како тоа зрно се нашло во еден од ексхумираните трупови бил многу едноставен: се работи за лице од албанска националност во кое пукале припадниците на ОНА, кои поседувале такво оружје. Инаку, шрапнелите пронајдени во обдуцираните трупови и зрното на НАТО во 2002 година биле испратени на анализа во Холандија, по барање на Трибуналот и за тоа постои документација во МВР. Но до сега испратените материјали се уште не се вратени, иако МВР се согласило да ги испрати шрапнелите и зрното во Хаг, дури откога нивното враќање било договорено. Се сомневам дека овие докази се уништени, бидејќи тоа се докази кои можат сериозно да ја урнат целата приказна на обвинителството за воените злосторства извршени од полицијата во Љуботен. Ова е само еден пример, кој докажува дека Хаг има намера да создаде монтиран процес. Во иднина ќе ставам и други постови, кои во целост ќе ја докажат невиноста на Бошковски и Тарчуловски, но и плановите за монтиран процес, во кои се вклучени и структури од Република Македонија. Со тоа ќе го дадам и одговорт на прашањето: „ДАЛИ ПОСТОЕЛ ОРГАНИЗИРАН ПЛАН ЗА УНИШТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ДОКАЗИ ВО ХАГ?“
Дека во „случајот Љуботен“има многу подметнувања и конструкции говорат и податоците кои ги изнел оперативец на МВР, а кој во клучните денови од август 2001 година се наоѓал во самото село. Еве што се вели во обработениот извештај: „Во вторникот, на 14 август 2001 година (акцијата на Јохан Тарчуловски е на 12 август) во селото дошле претставници на Хашкиот трибунал и лица од Хјуман Рајтс Воч, кои извршиле обдукција на четири леша од загинатите братучеди од семејството Бајрами (во обвинението против Бошковски и Тарчуловски се бара одговорност само за двајца од четворицата Бајрами, Сулејман и Џељал, а другите двајца не ги ни споменува). По извршената обдукција, а по инструкција на европските емисари, лешовите повторно биле облечени и биле погребани на селските гробишта. Погребот се извршил на невообичаен начин според муслиманските верски обичаи (обичаите бараат погребот да се изврши во рок од 24 часа и не дозволуваат обдукција). Обдукција над останатите шест трупа не била извршена затоа што тие веќе биле погребани поединечно на други места, а дел од нив наводно се уште не бил достапен. еден труп подоцна бил пронајден во близина на с. Љубанци. Веднаш бил формиран Селски одбор кој презел иницијатива за ослободување на 23 лица од селото кои биле притоворени, како и медиумска кампања за актуелизирање на „масакрот врз цивилното население“. Во оваа кампања посебно била активна сопругата на Наип Салиевски која потекнува од Република Албанија, а е вработена во албанската редакција на МРТВ.“
Понатаму, во извештајот се вели дека тие денови се засилил интересот на европските емисари, меѓу кои и на претставниците на Хашкиот трибунал кои биле пречекувани од Кенан Салиевски и Хисни Мурсељи во улога на домаќини. (Инаку, Кенан Салиевски бил логистичар на ОНА во селото за цело време на воениот конфликт). Според извештајот, „домаќините“ во селското училиште ги повикале роднините на загинатите и ранетите, односно наводните сведоци на настанот, кои пред претставниците на Хашкиот трибунал давале најразлични изјави. Во извештајот понатаму се вели: „Лицата Кенан Салиевски и Хисни Мурсељи биле логистичари на ОНА, а за успешно извршување на ваквата активност придонел толерантниот однос на вработените во ОВР Чаир и посебно на ПС Бутел, што се должело на големата блискост на овие структури со началникот на ОВР Чаир“. За убиството на осумте македонски војници наведено е следното: „Жители од с. Љуботен, активно биле вклучени во редовите на ОНА, како и во терористичката акција во месноста Љуботенски бачила, каде што на 10 август 2001 година беа поставени две противтенковски мини, а животот го загубија 8 припадници на АРМ. Групата која го извршила овој чин броела десетина лица. Неколку дена пред акцијата се стационирале во непосредна близина на селото. Непосредните подготовки се состоеле во извидување и проучување на теренот. Од најголема помош им било лицето Бајрами Шерефедин од татко Азис од с. Љуботен, познат под прекарот „Шеф“ кој бил припадник на ОНА. Шерефедин непосредно им го покажал патот, односно маршутата по која се движат припадниците на АРМ, а им го посочил и точното време кога тие вршат редовна смена на позициите на Скопска Црна Гора. Шерефедин непосредно учествувал и во акцијата.“