T
Tetro
Гостин

Обвинителскиот тандем Саксон - Монтеке во двоиполчасовните воведни излагања презентираше документи, искази и видео материјали во обид да го поткрепи обвинението против Бошковски и Тарчуловски. Од екс министерот за внатрешни работи се бара командна одговорност, затоа што знаел или требало да знае за акцијата во Љуботен, но не направил ништо за да ја спречи или да ги казни одговорните за седумтемина убиени Албанци од селото, 14-те уништени куќи и 100-тината малтретирани жители, како што се тврди во обвинението.
„Никој не бил казнет, Тарчуловски останал да работи во полиција и затоа што Бошковски не презел ништо бараме да одговара за незаконската акција во Љуботен“, вели Ден Саксон, хашки обвинител
Како потврда дека Бошковски знаел за полициската акција во Љуботен, поддржана од армијата, обвинителот Саксон пред Трибуналот презентираше видео-снимка на која тогашниот министер за внатрешни се гледа на позиција на периферијата на селото.
„Еве го Бошковски како стои зад ѕидот и покажува во правец на селото. Ова е погледот кој би го уживал Бошковски. Сведоци ќе потврдат дека бил таму и дека контактирал со Јохан Тарчуловски“, вели Ден Саксон, хашки обвинител.
На Тарчуловски, хашкото обвинителство на товар му го става планирањето на акцијата - тој ги организирал полицајците и ја издал наредбата за напад на селото. Обвинението тврди дека сето тоа е направено иако во Љуботен немало припадници на ОНА, наспроти полициското објаснување дека се трагало по Џавит Асани, осомничен за поставување мина кај Љуботенски бачила, инцидент во кој загинаа 8-мина војници.
„Во акцијата се убиени цивили, имало тепани и малтретирани. Доказите ќе покажат дека акцијата била нелегитимна“, вели Монтеке, хашка обвинителка.
Обвинителството денеска само начелно, а во текот на судењето и подетално, ќе се обиде да докаже дека во 2001-та во Македонија се случил оружен конфликт меѓу полицијата и армијата од една и ОНА, од друга страна. Интензитетот на судирите бил таков што може да се третира како оружен конфликт.
Одбраната не го искористи правото веднаш да возврати на обвинението.
Со изведување докази и сослушување сведоци, процесот ќе продолжи на 7-ми мај. Судењето започнува две години по покренувањето на обвинението – исто толку време Бошковски и Тарчуловски се во притвор во Шевенинген.
(16.04.2007)