ГРЦИТЕ ПАНИЧНО ГИ ИЗВЛЕКУВААТ СВОИТЕ ПАРИ ОД ДОМАШНИТЕ БАНКИ
Лондон, 8 април (МИА) - Штедачите во Грција „панично и хистерично“ ги извлекуваат своите пари од домашните банки, предизвикувајќи страв кај грчките банкари и продлабочувајќи ја кризата во која се наоѓа оваа земја, пишува „Фајненшл Тајмс“. Од четирите најголеми грчки банки, штедачите имаат повлечено дури 10 милијарди евра, па менаџерските тимови на банките побараа интервенција од Владата во Атина за да не се случи да останат без пари и да банкротираат, јави дописникот на МИА од Лондон.
Лондонскиот весник забележува дека меѓу богатите Грци владее „вистинска хистерија“ изминатите два месеци, па исплашени за судбината на своите пари и имотот што го поседуваат, не сакаат да ги задржат во Грција, туку во моментите кога нивната земја се соочува со најголемата и најтешката економско-финансиска криза во својата понова историја, богатството го префрлаат во странство, пред се, во банките од Кипар и Луксембург.
Во текот на февруари и март оваа година, грчките штедачи од своите сметки имаат повлечено пари во вредност од пет отсто од вкупната маса на штедните влогови во целата земја. Тоа предизвикува забрзано паѓање на вредноста на акциите на најголемите банки во Грција, кои сите имаат свои филијали во земјите од Балканот. До средината на оваа недела акциите бележат пад на вредноста што се движи меѓу 6 и 7 отсто. Хистеричното реагирање на грчките штедачи не им помага на тамошните власти во стабилизирањето на домашната економија, но предизвикува нова загриженост во целата еврозона, која продолжува да стагнира, или да бележи минимален раст во однос на другите глобални економии, констатира „Фајненшл Тајмс“.
http://www.idividi.com.mk/Biznis/SvetBiznis/592659/index.html