Бидејќи насловот на темава почнува со „стручна помош“, јас имам едно стручно прашање. Дали некој може да ми каже нешто повеќе за архитектот што ја изградил старата железничка станица во Скопје, или барем да ме упати кон некаква литература за тоа. Пишувам еден есеј, и ми треба историјат на зградата, намена, стилови, естетски гледишта - се’ што е поврзано со неа, и најважно, кој ја изградил, и дали постои библиографија за него... Па, однапред благодарам, ако имате нешто пишете...
Денешната стара железничка станица во Скопје почнала да се гради во 1937 година. Пред тоа на ова место се наоѓала железничката станица која била изградена уште во 1873 година, кога и бил воведен железничкиот сообраќај во Македонија. За унапредување на железничкиот сообраќај, Банската управа решила да изгради нова железничка станица во Скопје. Камен-темелите биле поставени во 1937 година, а изградбата траела 3 години. Железничката станица била пуштена во работа во 1940 година и била најубава на Балканот во тоа време. Пред изградбата на оваа станица имало само една станица во Градско со подземни премини која по својата убавина се издвојувала од другите, но со новоизградената станица во Скопје ниедна друга не можела да конкурира.
Главниот влез на новоизградената железничка станица бил на улицата Крал Петар, а таа излегувала и на улицата Принц Ѓорѓе. Лево и десно имало станични скверови кон кои биле поставени влезови за становите на службениците. Големиот станичен хол кој бил врска со главниот влез и излез, зафаќал простор од 1.000 метри квадратни. На првиот кат се наоѓал ресторан, а на вториот службени соби и хотел за железничките чиновници. Во крилата на зградата биле сместени канцелариите. На перонот, поплочен со најубави романски плочки, застанувале и продолжувале возовите кон Европа, а тука минувал и прочуениот "Ориент експрес".
Во скопската Железничка станица, за 24 часа влегувале и од неа излегувале 24 возови. Просечно дневно пристигнувале 1.000 патници.
Железничката станица, како главна сообраќајна установа на еден град, станала центар на изградбата на ново Скопје, во кое таа била столб околу кој се движел животот на градот. За потребите на железничарите, во 1920 година била изградена дрвена барака на улицата Водњанска, а подоцна била изградена и Железничката колонија составена од 30 куќи, југозападно од станицата, во Дебар маало.
На 26 јули 1963 година, за време на катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје, беше разурната и железничката станица.