Според мене среќата е еднаква на
Среќа = P + (5E) + (3H)
P -Карактерни особини (нашиот поглед на животот, еластичност и приспособливост)
E - Егзистенцијални потреби ( пари, здравје, пријатели)
H - Вредноста од повисок ранг (чувство за хумор, самодоверба и слично)
Среќата не е целосна ако само едното е присутно, додека не се присутни сите елементи од равенството тогаш неможе да се зборува за комплетна среќа туку привремена, момент непотполен.
Се сложувам, но на сето ова додади ја и среќата на твоите најблиски и списокот ќе биде потполн. Јас сум се чувствувам многу среќно кога можам да направам среќен некој што ми значи, па и некој кој не го познавам.
ЗА СРЕЌАТА
Си бил еден многу учен човек кој целиот свој живот барал да дознае што е тоа среќа и како тоа едни се среќни, а други не. Овој човек талкал по светот и разговарајќи со луѓето дознавал за нивните вољи и невољи. Кога разговарал со ковачот овој му рекол дека тој е најсреќен кога печката е добро загреана а металот вжештен бидејќи така работата му била песна. Учителот пак му кажал дека за него среќа е кога сите ученици се на број, седат мирни во своите клупи и ги слушаат неговите предавања. Војникот бил среќен кога ќе се врати жив и здрав од некоја војна и кога на прагот од неговата куќа ќе ги здогледа своите најмили. Селанецот бил среќен кога жетвата е добра, и така секој си имал свои моменти на среќа и радост. Но никој не можел да му одговори на нашиот мудрец што е всушност среќата и од каде таа потекнува, бидејќи тоа што едни ги правело среќни други ги правело несреќни или воопшто не ги интересирало. Така талкал по светот и го барал одговорот на ова прашање. Еден ден одејќи по еден запуштен друм сретнал еден просјак. Просјакот бил многу стар и изнемоштен облечен во извалкани и испокинати алишта. Тој се сожалил на бедникот и подзастанал па го прашал старецот:
-Старче, да не си жеден или гладен имам малку леб, сол и вода во торбата па можеме да ги поделиме.
Старецот со драго срце прифатил, па седнале покрај друмот да го поделат оброкот, а овој по своја навика веднаш почнал да го прашува просјакот дали знае што е тоа среќа и од каде таа доаѓа. Старецот прво го изел својот дел од оброкот, па откако ја изгасил жедта почнал да зборува.
-Да, рекол, -можам да ти одговарам на тоа прашање бидејќи јас еднаш знаев што е среќа. Пред многу години кога бев млад, во моето село живееше еден стар мудрец за кого велеа дека знае се и дека може да зборува директно со Бога, па затоа и да ја предвиди иднината. Јас отидов еднаш кај овој мудрец за да го запрашам каков ќе биде мојот живот, на што да се надевам. Обичај беше кога ќе се отиде кај стариот мудрец да му се однесе нешто да прикасне. Кога пристигнав кај него го поделивме она што го бев понел со себе во мојата торба, па тој почна да ми зборува.
-Ти млад човеку ќе имаш долг живот, ќе видиш многу работи во животот и многу ќе научиш, но вистинската среќа ќе ја сретнеш токму пред крајот на твојот живот!
И навистина прошетав многу земји и запознав многу луѓе во мојот живот. Бев на места каде не одат многумина, научив мудрости кои не можеш да ги научиш никаде, заработив големо богатство и живеев господски живот, лоша судбина ме најде па останав на овој запуштен друм и сигурно ќе умрев од глад да не поминеше ти. Кога те видов веднаш се сетив на зборовите што стариот мудрец ми ги кажа, а кои тогаш не ги разбрав. Вистинската среќа синко, среќата која може да ја врати младоста и силата барем за момент доаѓа и може да се спознае само во моментите на нај голема беда и несреќа, и токму од тука таа потекнува. Кога на човек му е убаво во животот тој среќата не ја ни приметува, сепак таа е присутна и го храни човековиот дух, го тера да стане. Но, кога неа ќе ја снема кога на нејзино место ќе се појават невољата и бедата дури тогаш човекот приметува дека му фали онаа движечка сила во животот која го тера напред и му дава надеж. Ете тоа е вистинската среќа умен и добар човеку, а единствениот начин да ја спознаш во нејзиното вистинско светло е пат трновит и стрмен, тежок за одење каков што беше мојот.