Дали демократијата е најдобриот општествен поредок? Владеење на народот, идеја на античките грци, која современото општество ја прифаќа како најпрактична. Но дали демократијата има сила да обезбеди стабилно и просперитетно општество гледано долгорочно?
Една од слабите точки на демократијата е немањето гаранција за константност на веќе постигнатите критериуми, како и подложноста од манипулации на народот кој ја избира владеачката гарнитура.
Како потсетување, нацистичката партија на Хитлер дојде на власт на легални демократски избори, успешно прикажувајќи им на избирачите сценарио кое им изгледаше неодоливо.
Од друга страна, тоталитаризмот каде власта е љубоморно чувана сопственост, е далеку полоша варијанта, концентрирајќи ја власта на одредена личност или група. Во овој случај, властодржците немаат мотив да обезбедат подобро општество и услови за живот, бидејќи немаат ни конкуренција која би понудила подобра опција и би ја превзела власта. Таков е примерот со Северна Кореа, каде власта и покрај незавидната состојба на луѓето кои живеат таму, ги насочува своите потенцијали во мегаломански проекти од областа на вооружување и демонстрирање сила, со кои би докажала на западот дека е воен фактор.
Се наметнува заклучок дека идеален општествен поредок би требало да ја има слободата која ја нуди демократијата, но и сигурноста од појава на структури кој би го изманипулирале општеството за да дојдат на власт, како во примерот со нацистите.
Таков еден спој е можен само доколку е создаден врз вредности кој се универзални, кој се заеднички за сите луѓе. Тоа навидум изгледа невозможно, бидејќи различните интереси на различни луѓе често доаѓаат во конфликт.
Значи патот кон кој треба да се фокусира овој општествен поредок е пат кој треба да открие што е двигателот на човечките интереси, желби и потреби. Некој ќе речат, па тоа е лесно – парите се тој двигател. Но ако е така, зошто често пати гледаме како богати и славни личности паѓаат во депресии, стануваат зависници од дроги и алкохол и тонат пред очите на јавноста? Очигледно е дека овој општествен поредок ќе мора да пронајде техники и методи кој ќе му овозможат на секој поединец да има можност да ја пронајде својата лична смисла и цел. На тој начин, вредностите на општеството ќе бидат втемелени во загарантираното право на секој поединец да ја открие и следи својата цел во животот.
Тогаш, ќе може да имаме константност и неменливост во критериумите, како во случајот на тоталитарното владеење, со таа разлика што ќе ја имаме слободата која ја нуди демократијата.
Во таа ситуација, човештвото ќе може да се фокусира кон остварување на услови од техничка, економска и логистичка природа чија единствена намена ќе биде исполнување на волјата на поединецот.
Човештвото треба да функционира како еден организам, каде секој поединец е една клетка која извршува одредена функција, кога тоа ќе го сфатиме, ќе сфатиме и дека конфликтот на интереси, значи “слепа уличка” во која залутала нашата волја.
Ако една клетка од нашето тело реши да го игнорира поредокот и да се размножува по свој новоодредени начини, тогаш тој “бунт” ќе предизвика смрт на целиот организам. Оваа аналогија најдобро ја одсликува вистинската волја на клетките која мора да биде координирана со целиот организам, во спротивно резултатот ќе биде погубен и за двете страни.