З А К О Н ЗА СКЛУЧУВАЊЕ, РАТИФИКАЦИЈА И ИЗВРШУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИ ДОГОВОРИ ОСНОВНИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој закон се уредува постапката и начинот на водење на преговори за склучување на меѓународни договори, склучувањето на меѓународни договори и пристапување кон повеќестрани меѓународни договори, покренувањето на постапката за ратификација, како и извршување на склучените меѓународни договори.
Член 2
Како меѓународен договор, во смисла на овој закон, се смета договор кој Република Македонија ќе го склучи во писмена форма со една или со повеќе држави или со меѓународна организација, со кој се утврдуваат права и обврски за државата, согласно со Уставот на Република Македонија и меѓународното право, без разлика дали е содржан во еден или во повеќе меѓусебно поврзани документи. Не се сметаат како меѓународни договори актите кои ги склучуваат овластени органи на Република Македонија за извршување на склучени меѓународни договори и со нив не се преземаат нови обврски за државата.
Член 3
Меѓународните договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на Републиката. Меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија со кои се уредуваат прашања од областа на економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи, како и од областа на одбраната и безбедноста на државата, освен за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави.