https://off.net.mk/vesti/makedonija/nashe-levo-i-grchko-levo-ne-e-isto
Наше лево и грчко лево не е исто
16 Мај 2018 - 18:15
Вести од долна Македонија
Како што во земјава меинстрим левите позиции околу спорот со името дееволуираа во натпревар кој ќе прифати што поапсурден став на Грците, така позициите на грчката меинстрим левицата остануваат, како што е редот, грчки.
И додека тука 'граџаните' како да се во трка кој потемелно ќе избрише каква било трага на национално, и општо људско, достоинство, компензирајќи го истото со сладушкасти привиденија за некои многу успешни и многу богати луѓе кои не можат да дочекаат да сме во нивно друштво, Грците непоколебливо работат во свој интерес, без страв некој да не ги етикетира со „националист“ или „евроскептик“.
Ова не се крајно-десни, смрт за имигранти, во-петок-не-се-пере Грци, туку колумнисти и уредници на Катимерини, весник од левичарска, но пред сè, грчка провиниенција.
Иако лагодно ги забораваат најразличните „златнозорштини“, тортурата против македонското малцинство во земјата, нечовечните санкции против Македонија од кои страдаше цел народ, и успешно ја применуваат истата наивност со која сакаа да ја убедат цела Европа дека Европа е виновна што Грците спискале или покрале десетици милијарди евра, авторите во ниту еден случај не се некакви орди од југот на кои им е дојдена крв на очи или сакаат да нè помножат со нула.
Наспроти тукашното перење мозок (не се преговара за идентитетот >> па и да се преговара за идентитетот, Уставот нема да се менува >> па и да се менува ние дома ќе останеме Македонци >> па и да сме Горномакедонци, во Европа сите се Европејци... ) околината која тие ја создаваат за очекувањата на грчката јавност од преговорите е крајно конзистентна, без никакво шарање ниту ишарет кон нешто поинакво од основните три работи:
1. Разумното решение е, било, и ќе биде: име за општа употреба (надвор, цнатре и во средина), да биде врежано во Уставот, и задолжително да опфаќа народ, јазик и цел тој пакет.
2. Низ сите овие речиси 30 години северниот сосед е иредентист, ама посебно последните 10.
3. Доста Грција попушташе.
Во продолжеток се извадоци (но не и од контекст) од текстови на десет колумни од Катимерини кои од почетокот на годинава се напишани на тема спорот со името:
23.1.2018
Ангелос Стангос, новинар и колумнист на Катимерини
http://www.ekathimerini.com/225144/opinion/ekathimerini/comment/conclusions-from-a-rally
Заклучоци од митингот
- Текстот е пишуван веднаш по митингот во Солун на кој излегоа десетици илјади Грци, и во него Стангос прво прави попис на новонастанатата состојба:
Црквата продолжува да има влијание на грчката политика и да влијае на однесувањето на луѓето.
Нов фактор е употребата на армии фанатични фудбалски навивачи за извршување политички притисок и контроверзната улога на одредени сопственици на фудбалски клубови.
Митингот послужи како инкубатор за раѓање нова популистичка крајнодесна партија.
- За потоа да му се обрати и на првообвинетиот:
Ама горните заклучоци не значат дека другата страна, ПЈРМ, е во право, или дека таа се води од бенигни намери кон Грција. Такви индикации нема и секоја грчка администрација, заедно со одговорните власти и општо политичката класа, треба да преземе внимателен пристап кон преговорите со цел да се заштитат интересите на земјата.
1.2.2018
Нотис Пападопулос, новинар на То вима и политички колумнист на Катимерини
http://www.ekathimerini.com/225437/opinion/ekathimerini/comment/foreign-policy-dictated-by-domestic-concerns
Надворешна политика диктирана од домашни стравови
- Првиот шамар е за домашните (со тезгаџиско крадење околу бројките за тоа колку држави нè имаат признато под уставно име):
Да не се лажеме: Грција го изгуби ексклузивното право на името „Македонија“ уште пред децении. Приближно 100 држави низ светот, вклучувајќи светски сили како Русија и Кина, го признаа нашиот балкански сосед под името „Република Македонија“ и дури и оние што сè уште држат неофицијално на земјата се обраќаат со името „Македонија.“
- Шамарот број 2 е за нас, па:
Секако нервира - настрана што е историски игнорантно - што луѓето во Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) сакаат да се претстават себеси како наследници на Александар Велики и имаат иредентистички аспирации запишани во нивниот Устав.
- Шамар 2а:
Имајќи го тоа предвид, никој не може сериозно да се плаши од какви било иредентистички и територијални барања што може да дојдат од малата држава, чиј БДП е ист колку оној на Пелопонез и која и ден денес - и покрај тензиите меѓу Атина и Скопје и грчката економска криза - останува економски протекторат на Грција.
- Па продолжувајќи со темата „релативно безмоќна држава од 2 милиони етнички Албанци, Срби и Славо-Македонци“, Пападопулос објаснува дека она за што нас нè бива е:
Стабилен бафер на нашата северна граница, кој не е пред ризик од распаѓање.
- А распаѓањето на Македонија е проблем затоа што:
Ако се случи тоа, лесно ќе може да се развијат експанзионистички апетити и да се стане дел од потенцијалните планови за Голема Албанија (составена од Албанија, Косово и ПЈРМ), па дури и како пион на руските амбиции во регионот.
- Ако не сте чуле, решение има за сè, а за Грците разумно и прифатливо решение е промена на име, ем Устав:
Потребен е меѓународен договор за сложено име што ќе биде користено од сите, и напишан со отфрлање на иредентистички клаузули во Уставот, кој би сигнализирал ново поглавје во односите меѓу двете земји.
- Што се однесува на излегувањето на десетици илјади Грци во Солун за да се побунат околу какво било решение што го содржи името Македонија, авторот смета:
Митинзите како оној планиран за в недела во Атина, по оној во Солун од минатиот месец, се во ред како начин за емотивно олеснување и како платформа за протест против левичарската администрација, која беше избрана врз ветувања дека ќе им помогне на непривилегираните за на крај нив да ги направи уште посиромашни.
2.2.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини
http://www.ekathimerini.com/225435/opinion/ekathimerini/comment/in-an-ideal-world
Во идеален свет
- Како што пишува погоре, Том Елис е уредник на англиското издание на Катимерини, а по негови зборови и учесник на протестите против Македонија во Вашингтон во декември 1992 пред Белата куќа, и во Њујорк во јануари 1993, пред зградата на Обединетите нации. И како таков, тој има проблем со нивото на патриотизам кај грчките политичари:
Во идеален свет, во кој политичарите на една земја се вистински патриоти - барем во смислата во која авторот го разбира ова значење - спорот на Грција со името на Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) ќе беше решен многу поинаку.
8.2.2018
Костас Јорданис, политички колумнист на Катимерини
http://www.ekathimerini.com/225606/opinion/ekathimerini/comment/same-battle-new-tactics
Истата битка, нова тактика
- Во времето кога тој ја пишува колумната, Грција е потресена од две работи: аферата Новартис (мито и корупција низ целото здравство и влада) и изјавата на Зоран Заев дека е подготвен да прифати сложено име со географска одредница, што подоцна е надополнето од една изјава на Јункер, дека нема влегување во ЕУ без прво да се решат граничните спорови. Ама никогаш не си на раат со ПЈРМ:
Иако изјавата на Јункер е повеќе од добредојдена во Атина, бидејќи таа практично ги уништува територијалните аспирации што ПЈРМ може да ги има кон Грција, сепак ова не значи дека швајцарско чувство на мир го зафати Балканот и дека сè е во ред тука во Грција, затоа што иредентистичките амбиции на ПЈРМ беа сведени од владино на грас-рут ниво.
- Еди Рама, имотите на Албанците од Чемерија и имотите на Егејците:
Откако објасни дека не станува збор за територијални аспирации, Рама додаде дека никој не може да им оспори на припадниците на Чами-малцинството дека „можат да се борат за своето право на сопственост преку судовите, како што и секој граѓанин на Европа тоа нормално го прави.“
Ова очигледно ќе биде политиката искористена од комунистите што избегаа од Грција во времето околу Втората светска војна и се населија во областа што денес е ПЈРМ.
- Ни НАТО не ги сопре грчките страданија:
На кратко, влезот на Грција во ЕУ не им стави крај на споровите од минатото. Ниту пак приклучувањето на Грција и Турција кон НАТО.
29.3.2018
Том Елис, уредник на англиското издание на Катимерини
http://www.ekathimerini.com/227179/opinion/ekathimerini/comment/no-winners-or-losers-on-macedonia-issue
Нема победници и поразени во проблемот со „Македонија“
- Има надеж, тврдоглавото Скопје се вразуми и дојде на нашиот муабет од 2007:
Сите докази покажуваат дека премиерите на двете земји сакаат договор. Точно е дека имаме решение на повидок. Отворено зборуваме за сложено име - официјална грчка позиција од 2007, која Скопје ја прифати во изминатите месеци - меѓу кое Горна Македонија (Gorna Makedonija), како да почна да се издвојува.
- И тоа не е сè:
Во исто време дискусијата се фокусира на промена на делови од Уставот на ПЈРМ, и за други аспекти, како идентитетот и јазикот.
Двете страни исто така разгледуваат сличен договор на оној што во изминатите месеци беше потпишан меѓу ПЈРМ и Бугарија.
- Устав кога ќе менувате, Грци да не спомнувате:
Можната промена на Уставот, која е неопходна од многу причини, не треба да биде толкувана, или претставена на јавноста како „попуштање“ пред грчкиот и меѓународниот притисок, бидејќи Уставот на земјата секако ќе мора да биде променет во контекст на членството на ПЈРМ во меѓународните организации на кои е толку желна да им се приклучи.
- Ако некој нè спаси од менување на името, тоа ќе бидат Грците:
Што се однесува на Грција, премиерот Алексис Ципрас можеби е подготвен да ги направи тешките чекори, ама тоа не е доволно. Не е прифатливо коалиционен партнер да се спротивставува на договорот. Премиерот мора да обезбеди консензус од Независните Грци за договор што треба да биде претставен како чесен компромис, без поразени и победници.
- Ако некој дел од целото излагање на уредникот на англиската верзија на Катимерини плаче за реприза, тоа е моментот кога по набројување на промена на име, Устав, јазик и идентитет од наша страна, Том Елис успева да состави реченица што завршува со:
... договор што треба да биде претставен како чесен компромис, без поразени и победници.
- Кабаетлија во целата „ако некој нè спаси од менување на името, тоа ќе бидат Грците“ ситуација излезе министерот за одбрана на Грција, Панос Каменос, за кој не е прифатлив дури ни овој „компромис“, како што Елис сака нагалено да го нарече, ол-инклузив откажувањето од македонска страна:
Ги нападна оние што го прифаќаат постигнатиот компромис, од владата од која е дел. Тој исто така можеби ќе ги обвини нив дека се „предавници“ - во негов типичен стил.
...