Пропагандни шеми
ЗАЕДНИЧКА КОЧИЈА
Конечно стигнавме да ја разгледаме и оваа шема.
Ако се прашувате што е толку посебно во оваа шема што зборот "конечно" се употребува за неа, ке ви кажам.
Кога ќе слушнете нешто слично на:
СИТЕ СЕ... Знајте дека оваа шема работи некаде во позадина или ти е пред лице, се во зависност од намерата на корисникот. Оваа шема се користи за правдање на сопствените постапки или пак да се убеди соговорникот или таргетираната маса дека сите го прават "тоа" зошто не и ти или вие. Доколку вашиот соговорник изговори нешто слично како "Сите се злобни" како констатација тогаш тука има психолошки и морални законитости кои работат во позадина. Вистинското значење на изговореното би било "Јас сум злобен или подобро е да се биде злобен затоа што се сите злобни". Соговорникот всушност се правда или бега од психолошкиот терет и моралната санкција која си ја наметнува самиот себеси правдајки се преку активности на други лица.
Манипулацијата во оваа шема настанува кога изговореното "Сите се снаоѓаат (крадат)" излегува како констатација но е проследена со конкретен предлог и вие да се "снаоѓате". Вака вашиот соговорник доколку прифатите ќе ве ОДВОЗИ во неговата заедничка кочија каде што тој сака.
Значи, оваа шема се додворува на нашето чувство за припадност кон одредена групација на луѓе имајки во предвид дека човекот е друштвено суштество и поседува инстикт на заедништво. Во оваа шема се користат сите средства за ласкање. Ласкањето тука станува средство за потикнување на стравот, омразата, предрасудата, убедувањата и идеалите кои се заеднички карактеристики на таргетираната личност, групација или народ. Директните обра- ќања се насочени кон група која има заедничка врска како народ, религија, раса, пол, сталеж, вработување, или околина. Со оваа шема емоциите на таргетираната групација се користат како влечна сила на заедничката кочија.
Со оваа шема нам ни се обраќаат како на православни, муслимани, земјоделци, студенти, ученици, работници, домаќинки, учители, односно секоја општествена групација или подгрупа каде што треба да се активира одредена програма или идеа во корист на поттикнувачот.
Основната задача на оваа шема е да прикаже состојба на општа прифатеност на некоја идеа или дејство односно "Сите го прават тоа" тогаш зошто не и вие. Бидејки сите ние поседуваме чувство за припадност кон одредена група или повеќе групи. Во тие групи постојат сложени емотивни врски кои ја држат кохезијата на таа група. Шемава ги експлоатира тие врски и создава чувство кај поединецот, припадникот на одредена група, а преку него врз групата, дека доколку не прифати што е понудено тогаш ке биде заостанат и отфрлен од другите членови од групата кои наводно прифатиле
Биди "напреден" а не "заостанат".
Биди дел од групата, биди како сите.
Ако се сите за никаде биди и ти инаку ќе бидеш отфрлен или ќе нема да бидеш современ.
Биди манипулиран за да бидеш кул, како сите.
Кај нас оваа шема работи и во позадина и отворено. Се користи од политички партии, невладини организации домашни и странски, маалски друштва или едноставно секоја организација која бара да се зачлениш во неа и поединци кои едноставно сакаат да ви го наметнат сопственото мислење. Најстрашно е кога некоја странска влада, организација или групација од интерес ке се обиде да смени цел општествен менталитет со оваа шема. Тоа моментално се случува кај нас.
Поттикнувачот на одредена промена во менталитетот на едно општество со оваа шема изнајмува сали и се обидува да ги наполни, откупува или отвара радио и телевизиски станици, користи бои, симболи, музика, танцови и сите видови на драмски уметности, прави митинзи се со цел да ја омасови сопствената програма која треба да му донесе, за него, успех. Со ваква наводна омасовеност наметнува став дека и вие треба да го прифатите неговото. Се подразбира, за да не бидете "назадни" туку "модерни" вие треба да се приклоните на "општо-прифатеното", негово мислење. Без многу размислување да се качите на неговата заедничка кочија и да бидете возени.
Размислете, затоа што е многу битно за вас:
Дали сите крадат? (криминал)
Дали сите сакаат да ве измамат? (криминал)
Дали сите ги изневеруваат своите сопружници? (секс)
Дали сите вршат љубовни активности во промискуитетен однос? (секс)
Дали сите не не бидува? (неспособност)
Дали сите се кодоши. полтрони, гребатори и безрбетници? (неспособност)
Дали сите не поседуваат способност и знаење? (неспособност)
Дали сите ... итн, итн, итн.
Дали забележавте дека овие изјави веќе сте ги слушнале, нарочито кога станува збор за опис на македонецот, неговиот народ и неговата држава. Можно ли е сите македонци да бидат такви какви што ви ги опишува соговорникот? Дали сте вие таков?
Криминал, неморален секс и неспособност, тоа се "проблемите" на нашето општество. Ако е така тогаш како наеднаш од високо морално општество кое ни го пренеле нашите дедовци, општество на чесни домакини кои секогаш ги осудувале арамиите, ороспиите (машки и женски) и кодошите, кои извикувале по нив "арам да ви е". Денес истите тие чесни домакини да го оправдуваат или потврдуваат тоа што пред речиси една деценија го осудувале.
Што мислите, сите се такви или тоа е една група на луѓе која се качила на нечија заедничка кочија и грчевито се бори да ви го наметне својот наводно општоприфатен став и да ве вклучи и вас како патник во заедничката кочија со фразата "Сите се ... па и вие".
Оваа шема знае да биде многу ефикасна, тешко откривлива, скоро невозможно да се изанализира правовремено. Покажува неверојатна способност да се шири и размножува. Самата создава свои агенти за својата кауза од луѓе кои не сакаат да бидат "назадни" па сесрдно подржуваат идеи или дејства без размислување и се обидуваат тие идеи или дејства да ги пренесат и на други.
Затоа кога ќе ја забележите оваа шема запрашајте се:
-Дали навистина се сите "такви"? Можно ли е сите да се исти?
-Кои се фактите кои ја подржуваат тезата а кои се против истата?
-Без оглед на фактот што други ја подржуваат "програмата", запрашајте се дали и вие треба да постапувате како и другите?
-Дали таквото однесување им служи на моите индивидуални и колективни интереси или ги минира?