"Некст тајм" и Слаткар со концерти во ист ден
Рок дуото и раперот ќе одржат концерти на 25 овој месец, а српскиот турбо фолкер Аца Лукас по втор пат годинава доаѓа во Скопје.
Пред Новогодишните празници, домашните менаџери се борат кој да добие најдобар термин за концерт во периодот кој од секогаш важи за најпродаван.
Последната недела од декември, три вечери по ред, не очекуваат четири концерти од кои два во Универзалната сала, а два во Метроплис Арената. Гужвата од концертни настани ќе ја отвори српскиот рок бенд "Рибља Чорба", кои во организација на ВИП продукција ќе свират во Универзалната сала на 24-ти декември. Еден ден потоа, на 25-ти рокерите "Некст тајм" и раперот Слаткаристика ќе одржат концерти на ист ден. На 26-ти декември, во Метрополис ќе пее српскиот фолкер Аца Лукас, кој пред само еден месец гостуваше во дискотеката "Гранд".
"Некст тајм" својот прв солистички концерт го закажаа во Универзалната сала, а Слаткаристика во Метрополис Арената. Јованов рекордс, кој е организатор на концертот на Слаткаристика, и Симона Негриевска која е новата менаџерка на "Некст тајм", не можеле да се договорат да ги разделат теримите, па заедничките фанови на Слаткар и на Мартин и на Стефан изгледа дека таа вечер ќе се поделат. Јован Јованов, продуцентот на Слаткар, кој до пред неколку месеци работеше со "Некст тајм" вели дека му е жал што изгледа датумите ќе мора да се поклопат.
- Кога барав викенд термини за во Метрополис Арена, ми рекоа дека се слободни 18-ти декември и 25-ти. Пред тоа ќе има Саем, а на 26-ти е Аца Лукас. Поради забавата која Владата ја организира на Плоштадот на 18-ти го избравме 25-ти. Потоа слушнав дека и "Некст тајм" ќе имаат концерт на истиот ден и ја замолив Симона ако може да го смени терминот. Жал ми е што токму двајца популарни изведувачи кои ги сакаат тинејџерите ќе одржат концерти во ист ден", ни рече Јован Јованов.
Негриевска пак вели дека нема да го објави официјалниот термин на концертот додека не потпише договор со Универзална сала. Од Универзална сала ни потврдија дека терминот 25-ти декември е резевриран за концертот на "Некст тајм".
- Можам да ви кажам дека Мартин и Стефан за Нова година ќе пејат на Плоштадот во Битола. Само што потврдивме со битолскиот градоначалник. За концертот ќе ви кажам штом потпишам договор со Универзална", ни рече Негриевска. (М.Џ.)
vest.com.mk