Уште еден од проектите, да не отвораме милион теми:
Фонтаните на Вардар ќе прскаат бактерии
Фекално-контаминираниот Вардар содржи ешерихија коли, стептококус фекалис и други бактерии опасни за здравјето на луѓето
Фекални бактерии и стрептококи, исклучително опасни за здравјето на луѓето, ќе летаат од водените млазови на двете фонтани што општина Центар веќе ги гради во коритото на реката Вардар. Фонтаните, кои ќе бидат поставени лево и десно од Камениот мост, ќе исфрлаат водени млазови високи до 30 метри, што значи дека минувачите на мостот постојано ќе бидат заплискувани од водени капки и прав, која под силни млазови ќе се исфрла директно од реката со фекална загаденост од четврти степен.
Фонтаните се градат и покрај одлуката на Уставниот суд, од пред една недела, да се стопираат дел од градбите во ДУП „Мал ринг“. Веќе се монтирани контејнерите за работниците, а транспортирани се и потребните машини.
Од Општината велат дека фонтаната ќе користи комбинирана вода од реката Вардар и од подземни води. Според микробиолозите, капките вода од Вардар, кој е фекално контаминиран, со сигурност ќе ги содржат ешерихија коли, стептококус фекалис и други бактерии опасни за здравјето на луѓето. Од Институтот за микробиологија велат дека луѓето што ќе дојдат во допир со ваква вода, во себе ќе внесат бактерии што предизвикуваат опасни болести, кои понекогаш, ако не се третираат, завршуваат и фатално.
- Реката Вардар е фекално контаминирана. Постарите лица и тие со слаб имунитет може да бидат заразени при минувањето по Камениот мост - потврдуваат и од лабораторијата на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Според најавите на општина Центар, веќе е почната изградбата на фонтаните, а се градат и машинските хали за инсталација на пумпите што ќе ја исфрлаат водата. Тие ќе имаат филтер, но тој ќе биде само за габаритни работи, како шишиња, гранки и слично, но секако ќе нема хемиска лабораторија што ќе ја прочистува водата.
- Ако временските услови се поволни, градежните работи ќе бидат завршени во рок од една година. Материјалот од кој ќе бидат изработени фонтаните е армирано-бетонски постамент, на кој ќе се монтираат прскалки од пониклувани водоводни цевки и прскалки видливо поставени во коритото на реката Вардар.
Водените ефекти ќе ги видиме откако ќе биде изведена фонтаната. Идејното решение на фонтаната е ИН-ПУМА, а фонтаните ќе ги гради италијанската фирма „Ла моне мореда“ - велат во општината Центар.
Фонтаните ќе имаат кружна форма, на средината ќе има цевка која ќе испушта млаз висок 30 метри, а од страната ќе има осум помали цевки што ќе испуштаат млазови, високи 7 метри. Цевките воопшто нема да се гледаат бидејќи ќе се постават на дното на реката и ќе бидат практично во вода. Надвор од реката ќе се гледаат само млазовите што ќе ги испуштаат. Фонтаните ќе бидат осветлени со специјални подводни рефлектори.
Водената површина на коритото од Вардар е широка околу 60 метри. Според проектот, фонтаните ќе се поставуваат на средина, а максималниот млаз што ќе биде исфрлан од фонтаните ќе биде висок 30 метри.
Марија Тасев
Извор: Дневник
http://dnevnik.com.mk/?ItemID=BADEBE885852E747AB8F8EDCA2ECCA33