И што ако? И што ако сум ладна кога сите околу мене зрачат со топлина? Што ако ми е сеедно кога сите околу мене се грижат за некој, припаѓаат на некој? Што ако погледот ми е длабок, и сјајот во очите ми е блескав, кога можам да те изгорам само еднаш да те погледнам? Што ако ми е убава насмевката кога може да ти стане најголемиот кошмар? Велиш нежна, мила...и што ако, кога имам душа како на мудар старец и пред време ги знам сите твои тактики, теории, зборови, ветувања? Што ако зборувам умно кога не ми ја знаеш намерата. Не ми ги знаеш покретите на телото. Не ми ги знаеш насмевките, погледите не ми ги знаеш. Не разбираш секој мој збор кое значење го носи, не ми ги знаеш мислите. Ти всушност ништо не знаеш за мене. Ќе научиш и за омилената музика, песните, за книгите, за омилената шолја за чај, за детето во мене, за филмот кој ме воодушевил. Ќе ти зборувам за љубовта, за несреќните љубови, за убавите моменти, за ноќите најубави гледајќи ги со часови ѕвездите, држењето за рака, за првиот бакнеж, за свеќите миризливи, за виното, за љубовта ќе ти зборувам. Јас ќе зборувам, ти ќе се смееш. Јас ќе зборувам, ти ќе се лутиш. Ќе зборувам, ќе ме засакаш. Јас ќе зборувам, ти ќе чувствуваш. Ќе научиш што ме прави среќна. Ќе научиш кога сум среќна. Ќе научиш кога сум тажна. Ќе научиш која насмевка кога ја користам. Ќе научиш секој поглед што значи. Ќе ти дозволам да научиш се. Многу ќе научиш од мене. Јас ја знам секоја твоја мисла. Јас те разбирам како никој досега. Јас те поддржувам како никој досега. И ќе те бакнувам како никој досега. Ќе водам љубов со тебе како никој досега. Ќе ме чувствуваш како никој досега. Ќе го научиш уживањето во совршеноста, ќе научиш љубовта колку вреди. Ќе научиш, ќе разбереш.